Симе Симовски ги построи репрезентативките

172
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската женска ракометна репрезентација вчера во салата „Автокоманда“ во Скопје го имаше првиот тренинг во рамките на неделата на ЕХФ, како прва фаза од подготовките за квалификациските бараж-натпревари со Словенија за пласман на Светското првенство (СП) во 2019 година

Селекторот Симе Симовски на првиот тренинг имаше 16, од вкупно 18-те повикани ракометарки. Од оправдани причини првиот тренинг го пропуштија Марија Николиќ и Душица Георгиевска.

– Во оваа репрезентативна пауза предвидено е да одработиме 11 тренинзи и да одиграме два натпревара. Добро ќе ни дојдат дуелите со Црна Гора, бидејќи тие се селекција од европскиот врв, така што ќе можеме да видиме до каде сме.

Здравствениот билтен е добар, така што следниве неколку дена ќе се фокусираме на работа и надградба на играта, па потоа да видиме како сето тоа ќе изгледа на теренот – вели селекторот Симовски.

Двата контролни натпревара против Црна Гора се предвидени за в петок и сабота во 17, односно 12 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје, а бараж-дуелите со Словенија ќе се играат на 2 јуни во Скопје и на 6 јуни во Целје.