Силаги: Во вториот дел на ЕП се полага многу на тактиката

91
Виктор Силаги

Физички и психички подготвените ракометари добро знаат кога треба да ја нагазат топката или, пак, да стиснат на педалот за гас. Репрезентациите што ќе го сторат тоа ќе се радуваат на медал, вели Виктор Силаги, австриска ракометна легенда, колумнист во дневниот весник „Кроне“ и спортски директор на Кил

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Австриската ракометна легенда Виктор Силаги 18 години го носеше дресот на репрезентацијата и на одиграните 200 меча постигна речиси 900 гола. Беше дел од австриската репрезентација, која во 2010 година на домашен терен го постигна најголемиот успех досега, 9-то место на едно европско првенство (ЕП). Од 2019 година е спортски директор во германскиот Кил. Мечевите на ЕП 2020 ги следеше во живо во Виена, а редовен колумнист е во дневниот весник „Кроне“. За „Нова Македонија“ ги сподели видувањата од ЕП 2020.
– На играчки план ова првенство не донесе некоја новина. Негативни се настапите на Франција, Данска, Германија, па и на Шведска, која како домаќин имаше високи очекувања, но не успеа да го покаже тоа на терен. Позитивни се настапите на Словенија, Унгарија, Португалија, па и на Австрија, која одигра одлично во првата фаза, но нешто навистина ново и не видовме. Разликата меѓу малите и големите е сѐ помала. Темпото на игра во главната фаза опадна, за разлика од првата фаза, кога се играше поотворено и беа постигнувани повеќе голови. Во вториот дел од турнирот се полага многу на тактиката што резултира со помалку голови – изјави Силаги.

Зависи ли тоа од системот на натпревари?
– Не, сметам дека не зависи тоа од системот, туку тоа е еден стил на игра што го диктираат физички и психички подготвените ракометари. Тие добро знаат кога треба да ја нагазат топката или, пак, да стиснат на педалот за гас. Репрезентациите што ќе го сторат тоа ќе се радуваат на медал – вели тој.

Кој ќе го освои златниот медал, Силаги не може да предвиди, за благ фаворит ја смета на Шпанија, но и дека сите карти се отворени. Домаќинот Австрија ја оствари првичната цел да ја помине првата група, организациски го помина тестот, но што по ова ЕП. Вистинско прашање е каков ќе биде развојот на австрискиот ракомет?
– Во државата се зборуваше за ракометот, се коментираа мечевите на репрезентацијата со што е направен еден чекор напред. Особено во овој период кога доминираат зимските спортови. Интересот кај публиката е разбуден, сега останува на одговорните на најдобар можен начин да го искористат овој позитивен момент и да го најдат вистинскиот пат за развој на овој колективен спорт – рече Силаги.


Динамично дуо во дресот на Кил

За наредната сезона спортскиот директор на германскиот ракометен гигант Кил, Виктор Силаги, успеа да ги договори услугите на Норвежанецот Сандер Сагосен, кој со 51 гол, заедно со Австриецот Микола Билик (46 гола, исто така член на Кил), е најефикасен досега на Европското првенство (ЕП). Силаги успеа да состави супертандем за наредната сезона во германскиот бундеслигаш, кој од клупата го води Филип Јиха.
– Ангажманот на Сагосен е врвен погодок. Игра маестрално на ЕП 2020 и се надеваме дека таквите игри ќе ги продолжи во Кил. Тој е млад ракометар, има 24 години и негова желба беше да игра во Бундес-лигата, да се натпреварува со најдобрите ракометари во светот. Сметаме дека има уште простор за негов напредок и навистина се радуваме на можноста да соработуваме со него – вели Силаги.


Само Сагосен пак е кандидат за влез во најдобриот тим на ЕП 

Вкупно 40 ракометари од 12-те репрезентации што се пласираа во втората групна фаза на Европското првенство (ЕП) се во конкуренција за избор во најдобриот тим на ЕП 2020. Од предложените само Сандер Сагосен беше во најдобриот тим на ЕП 2018. Гледачите можат да гласаат само преку апликацијата за ЕП, а влегуваат и во конкуренција за награди од ЕП. Официјалниот најдобар тим ќе се добие со собирање на гласовите од гледачите (40 отсто) и од панелот на експерти на ЕХФ (60 отсто). Најкорисниот играч (МВП), исто така, ќе биде избран од панелот на ЕХФ. Гласањето трае до денеска на полноќ, а тимот ќе биде објавен утре во 12 часот.

КАНДИДАТИ ЗА НАЈДОБРИОТ ТИМ
Голмани: Роланд Миклер (Унгарија), Алфредо Кинтана (Португалија), Марин Шего (Хрватска), Гонзало Перез де Варгас (Шпанија), Торбјорн Бергеруд (Норвешка).
Леви крила: Уве Генсхајмер (Германија), Магнус Јондал (Норвешка), Џери Толбринг (Шведска), Давид Мандиќ (Хрватска), Аитор Арино (Шпанија).
Леви бекови: Уладислау Кулеш (Белорусија), Сандер Сагосен (Норвешка), Микола Билик (Австрија), Патрик Лигетвари (Унгарија), Арон Палмарсон (Исланд).
Централни бекови: Џим Готфридсон (Шведска), Деан Бомбач (Словенија), Руи Силва (Португалија), Игор Карачиќ (Хрватска), Ондреј Ждрахала (Чешка).
Пикери: Артсем Каралек (Белорусија), Андреас Нилсон (Шведска), Бенце Банхиди (Унгарија), Јаник Колбахер (Германија), Магнус Гулеруд (Норвешка).
Десни бекови: Хорхе Македа (Шпанија), Јуре Доленец (Словенија), Жоао Фераз (Португалија), Лука Степанчиќ (Хрватска), Жолт Балог (Унгарија).
Десни крила: Роберт Вебер (Австрија), Микита Ваилупау (Белорусија), Тимо Кастенинг (Германија), Блаж Јанц (Словенија), Алеиш Гомез (Шпанија)
Најдобар одбранбен играч: Домагој Дувњак (Хрватска), Хендрик Пекелер (Германија), Виран Морос (Шпанија), Павел Хорак (Чешка), Блаж Благотиншек (Словенија).