Се смени младинската ракометна мапа?

393

Португалија е полуфиналист и е најпријатното изненадување на младинското ЕП, бранителот на титулата Шпанија не влезе во трката за медали, како и четвртата од минатото младинско ЕП, Хрватска

Португалија, Словенија, Франција и Германија се четирите селекции што останаа во трката за медали на Европското првенство (ЕП) за ракометари до 20 години што се игра во Словенија.

Селекцијата на Португалија е најголемото изненадување меѓу полуфиналистите на турнирот, со оглед на тоа што во досегашните мечеви излезе како победник над ракометните селекции на Франција, Данска, Унгарија и на бранителот на титулата европски првак Шпанија, која, пак, се издвои како најголемо разочарување на првенството.

Ако се тргне од фактите дека кај Французите и Словенците главните играчи минатата сезона беа дел од тимови што играа во Лигата на шампионите, потоа дека Германците, иако не доаѓаат од клубови како Кил, Левен или друг силен германски тим, сепак, добиваат минутажа во силната Бундес-лига, се поставува прашањето која е причината што Португалија стигна толку далеку на овој шампионат. Португалија не е големо име ниту во репрезентативниот, ниту во клупскиот ракомет, но се чини дека преку работата и вложувањето во младинскиот ракомет мисли на својата иднина и има амбиции да фати чекор со ракометните сили.

Во денешните полуфинални дуели силите ќе си ги одмерат Германија – Франција (17 ч.) и Португалија – Словенија (19.30 ч.), а во разигрувањата за пласман од петтото до осмото место ќе играат Исланд – Хрватска (12 ч.) и Шпанија – Србија (14.30 ч.). Победниците од полуфиналните мечеви в недела (17 ч.) ќе играат за титулата европски првак, а поразените (15 ч.) ќе играат во малото финале за бронзен медал.

               ДВОЈКИ
Германија – Франција         17 ч.
Португалија – Словенија    19.30 ч.
Меч за трето место недела 15 ч.
Финале недела                   17 ч.