Селектирање за сегашноста, но и за иднината

1136

Селекторот Кирил Лазаров го објави поширокиот список на ракометари за мартовскиот двомеч со Данска, во рамките на квалификациите за ЕП 2022. Иако овој список е за мартовските квалификации, според структурата на играчи што се избрани, може да се види дека тука се размислува на многу подолги патеки, ситуација со која првпат се соочуваме и која комплетно можеме да ја оправдаме

УШТЕ ЕДЕН ОСВРТ КОН ФЕЉТОНОТ „ЗА МАКЕДОНЦКИОТ РАКОМЕТ“

Минатата недела селекторот на македонскиот национален тим, Кирил Лазаров, го објави поширокиот список на ракометари за мартовскиот двомеч со актуелниот светски првак, репрезентацијата на Данска, во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022 година. Иако овој список е, како што рековме, за мартовските квалификации, според структурата на играчи што се избрани, може да се види дека тука се размислува на многу подолги патеки, ситуација со која првпат се соочуваме и која комплетно можеме да ја оправдаме.

Миркуловски назад во строј, и на терен и на клупа

Од изборот на ростерот на репрезентативци (иако поширок) може да се види дека Лазаров размислува во два правца, за квалификациите што се во тек и на кои имаме реални шанси да излеземе како „победници“ и да го продолжиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања (што е од исклучителна важност за нашата фела), но размислува и што ќе се случува со националниот тим следните 4-6 години, селектирајќи од јуниорските национални селекции.
Токму затоа селекторот „излезе“ со еден доста шаренолик (во однос на возраста) ростер на играчи, дел од нив веќе прекалени борци и искусни репрезентативци, дел ракометари што ќе бидат носители следните 2-3 години, но и најважно со дузина млади македонски играчи што се иднината на нашата најуспешна национална селекција.
Првенствено во тимот по пауза од неколку години, сосема легитимно, вратена е иконата на македонскиот ракомет, Филип Миркуловски, како тренер, но и уште поважно како играч што ќе има улога да покаже каков треба да биде односот на сите овие млади играчи кон дресот со националните бои, да помогне заедно со селекторот, како краткорочно решение за дуелите што ни преостануваат до јуни и да ја почне улогата на тренер и помошник на Лазаров на клупата на националниот тим.
Овој потег оди во насока на тоа што претходно го пишувавме, дека Македонија нема капацитет толку лесно да се откажува од своите најдобри ракометари, без разлика на нивната возраст. Покрај Лазаров и Миркуловски, има уште неколку играчи со предзнак ветерани (Стоилов, Георгиевски, Митревски) и реализирани играчи (Манасков), кои помогнати од Кузмановски и неговата генерација треба да ја внесат Македонија на ЕП 2022, како прва задача на селекторот. Од тоа што во моментов игра на високо ниво и би можело да биде на овој список, забележливо е отсуството на голманот Борко Ристовски, позиција за која и претходно констатиравме дека е една од најдобро пополнетите во перспектива, Велко Маркоски, кој како специјалист за одбрана е и повеќе од потребен, но во полна снага и со континуитет на натпревари, Милан Лазаревски, формат на играч што игра во два правца, и Теодор Тодески, левиот бек на Металург, кој со своите 201 сантиметар и габарит е „штоф“ што ни е потребен за во иднина.

Создавање база на играчи за новата филозофија на националниот тим

Исто така, евидентно е и неселектирањето играчи што го достигнале својот зенит, но досега не заиграле ракомет на високо ниво, и тешко дека во иднина можат да ѝ помогнат на нашата селекција по патот по кој ја гледа Лазаров. На сметка на „таквите“, во составот имаме неколку тинејџери предводени од стружанецот Емилијан Ѓорговски, на кои им се дава до знаење дека националниот тим во иднина смета на нив, дека треба да продолжат уште понапорно да работат и да се надградуваат.
За „новата“ филозофија на игра што ни е и повеќе од потребна во иднина, а и конечно како таква ја најави и селекторот, помеѓу младите репрезентативци ќе треба да најдеме еден или два пивоти во имињата на Лазаревски, Аларов или Симоноски, кои играат во два правца и кои треба по заминувањето на Стоилов да ја пополнат празнината, имајќи го предвид Пешевски, кој како „еднонасочен“ пивот има уште натпревари за играње; да провериме дали Јагуриновски може да одигра како десно крило/десен бек и во која мера, како опција за позицијата двојка во зоната 6-0 или уште подобро на 5-1; да најдеме партнер за Талевски на позицијата тројка и специјалец на „заден“ играч во зоната 5-1, во името на Цветаноски или Тодески, и конечно да создадеме квантитет на играчи во ротација на бековските позиции во имињата на Кукуловски, Георгиев и Ѓорговски. За голманската позиција спомнавме и претходно, по ерата на Митревски, покрај Томовски за настап меѓу стативите во дресот со националниот грб можеме да сметаме на Петковски и Кизиќ.

Кукуловски може – Кизиќ знае

Изминатите денови покрај „списокот“ на Лазаров актуелни беа нашите најквалитетни колективи што имаа настапи во европските купови. Од една страна Еурофарм Пелистер полека се етаблира и добива видливост во ракометна Европа, десеткуваниот Металург со дузина ковид-позитивни и повредени играчи, сепак, не признава службен резултат и коректно ги игра натпреварите и Вардар, кој никако да го промени трендот на губење бодови во самата завршница. Тоа се бројките и впечатокот, но што е тоа што би ја интересирало ракометна Македонија.
Да се навратиме на тоа колку нашите топ-клубови им дадоа шанса на македонските, претежно млади играчи да созреваат на квалитетната европска сцена. Повредите на Мандалиниќ и на Танковски го исфрлија во прв план младиот ресенец Дејан Кукуловски, кој прво во Загреб во Сеха-лигата, потоа во Битола против данскиот Гог Гудме покажа дека неоправдано во минатото ги греел клупата или трибините во црвено-црниот дрес, но ако гледаме и од другата страна требало и можел и порано да ја бара својата шанса во клуб што повеќе ќе верува во него. Но за секоја работа треба да имаш ден, па така сега и Бабиќ и целата јавност се уверија дека Кукуловски не само што „гледа“ линија и може да „распали“ надвор од девет метри, туку коректно може да одигра во одбрана. Да не заборавиме дека покрај Кукуловски, сериозна минутажа, ефективно, троши и младиот Костески, а во иднина и дуото леви крила Маџовски и Кузманоски (кој неодамна е прекомандуван во првиот тим). Еурофарм Пелистер полека, но сигурно се профилира во клуб што им дава шанса на македонските играчи да „стасуваат“ на голема сцена со силни противници и тоа е за респект.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слично како Кукуловски и Марко Кизиќ на „грбот“ на повредата на Ристовски и лошиот ден на Кантрегал, конечно застана меѓу стативите и којзнае по кој пат ја воодушеви македонската ракометна јавност со раскошниот талент, и слично како и во минатата година го презентираше на „големата“ сцена. Навистина е необјасниво (барем за нас што не сме дел од клубот), од кои причини Кизиќ не добива поголема шанса на голот на Вардар, во ситуација кога и клубот е во двојна добивка, поевтина варијанта од некој странец ем позитивен пиар во јавноста и на крајот додадена вредност на националната селекција.
Од друга страна, иако е на списокот на селекторот, Јагуриновски и покрај неговата антропологија и шутерска рака (и дефицитарноста на таквите играчи), практично не добива никаква шанса и ја нема довербата на Алушовски. Ако се надоврземе на погоре напишаното, доколку не се промени неговиот статус, ќе ја изгуби можноста во иднина да се најде на потесниот список на селекторот и на тој начин покрај тоа што лично тој ќе „загуби“, истото тоа ќе се одрази и на националниот тим. Така било во минатото, така ќе биде и во иднина, индивидуалниот избор на играчот и политиката на клубот за (не)негување на МКД-производ да се одрази негативно на репрезентацијата. Во крајна линија и Кизиќ и Јагуриновски во иднина треба да размислуваат повеќе на својата минутажа (и да избираат клуб што ќе верува во нив и ќе им даде простор за промоција) ако сакаат да напредуваат и да бидат дел од националниот тим.

Селекторот, меѓу другото, би требало почесто да разговара со тренерите на нашите клубови и да врши еден вид притисок врз нив, со намера нашите играчи да имаат што поголема минутажа и да не чекаме да се повреди некој „од главните“ за на „лажица“ да добијат минутажа „нашите“ деца. Но, исто така, селекторот ќе мора да им даде до знаење на младите репрезентативци дека за да бидат меѓу „одбраните“ ќе мора повеќе време да минуваат на терен. Во тоа поддршка треба да има и од медиумите и од целокупната јавност.
Затоа што е за наше добро!

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар