Секој полуфиналист има адут и во статистиката

57

Хрватска има најдобра одбрана, Шпанија најефикасен напад и најмногу стрелци на барем 10 гола, Норвешка го има првиот стрелец и асистент, како и игра со најмалку грешки, Словенија има голман со најмногу одбрани…

Со просек од 22,1 примени голови по натпревар, Хрватска ја има најдобрата одбрана во досегашниот дел од Европското првенство (ЕП) во ракомет, кое се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Следна е одбраната на Шпанија, со просек од 24,8 гола, па Словенија со 25,7, а норвешката одбрана има просек од 26,7 примени гола по натпревар.
Словенечкиот чувар на мрежата, Клемен Ферлин, со 65 одбрани е водечки според индивидуалниот ефект на голот. Втор според бројот на одбрани е Норвежанецот Торбјоерн Бергеруд, со 62 интервенции, Шпанецот Гонзало Перез де Варгаз има 49, а хрватскиот голман Марин Шего досега забележа 48 интервенции. Според вкупниот ефект на голманските тандеми, Шпанија има 91 одбрана, Норвешка 82, Словенија 78, а Хрватска 63.

Шпанија, со просек од 31,7 гола по натпревар, го има најдобриот напад досега на ЕП. За нијанса е послаб нападот на Норвешка, со просек од 31 гол, Словенците имаат 27,5 гола, а Хрватска има просек од 26,7 гола по меч. Големиот просек на постигнати голови се отсликува и во индивидуалниот ефект на репрезентативците. Кај Шпанија, 11 ракометари имаат двоцифрен број голови, Норвешка и Словенија имаат по деветмина со двоцифрена реализација, а Хрватска има само седум ракометари што постигнале барем десет гола.

Меѓу полуфиналистите, тимската игра е одлика на Норвешка и на Шпанија, кои во просек имаат по 15,4 асистенции по натпревар, Словенците имаат 13,5, а Хрватите 10,5 асистенции по натпревар. Најконцентрирани во организацијата на нападите се Норвежаните, со просек од шест загубени топки по меч, потоа следуваат Хрватска со 7,7 грешки по меч, а Шпанија и Словенија имаат по 9,1 технички грешки по натпревар. Норвешкиот централен бек Сандер Сагосен, со 51 гол и 39 асистенции, е најкорисниот играч на ЕП 2020 досега. Кај Шпанија таа улога ја има десниот бек Алекс Душебаев, со 29 гола и 25 асистенции. Кај Хрватите, Игор Карачиќ е најдобар стрелец со 29 гола, Циндриќ е прв разигрувач со 20 асистенции, а во Словенија најдобар стрелец е Јуре Доленец, со 32 гола, а прв асистент е Деан Бомбач, со 21 додавање по кое е постигнат гол.