Седумте постулати на Лино Червар за ракометната игра

387

Под водство на тренерскиот виртуоз Лино Червар, Хрватска десетти пат ќе игра во полуфинале на големите натпреварувања. Еден од најдобрите стратези во светот, кој со тренерската луцидност и напредна визија за ракометната игра остави длабоки и позитивни траги и во македонскиот клупски и репрезентативен ракомет, својата ракометна визија ја гради на следните седум постулати.

Тренерот е прв човек на тимот. Тренерот е тој што има визија, тренерот е тој што има идеја. Никој друг не може да кажува за тактика.

Ниту еден тренер не работи против себе и тимот. Тој мора да избере и да одлучи што е најдобро за тимот. Мора да го слуша својот инстинкт. Некогаш некому тоа нема да му одговара, но тренерот мора да верува во својата визија. Визијата е негова цел, а идејата како да се дојде до неа.

Во добар тим сите се врвни и важни играчи.

Ако се игра со срце и ако се ужива во тимската игра, ако се ужива во тактичката дисциплина, ако се почитуваат договорите, тогаш тимот може да ги исполни соништата. Тука нема поединци, нема его, нема издвојување на играчите.

Тренерот не треба да зборува за тактика за време на тајмаут. Тактиката се подготвува и се договара за време на тренинзите.

Играта „седум на шест“ е многу важна. Таа е најдобра работа што се воведе во ракометот. „Седум на шест“ е методски фантастично учење на играчите. Играчот е принуден повеќе да мисли за да не згреши, бидејќи ако згреши ќе прими гол на празен гол, има широка перцепција на играта, антиципира, тоа е учење. Тоа е единствена квалитетна работа што се воведе во ракометот.

Одбраната 5-1 јас ја измислив во Италија, а почнав да ја играм на ЛОИ 2004. Тоа не е случајно. И други пред мене играа 5-1, но не на тој начин на кој игравме ние.