Светскиот првак Франција на работ од елиминација по групната фаза

102

Со денешните дуели од 5-то коло од групната фаза на Светското првенство (СП) во ракомет за жени, кое се игра во Јапонија, ќе се дефинира пласманот на селекциите по групи. Актуелниот светски првак, репрезентацијата на Франција, по поразот од Германија и нерешениот исход во дуелот со Бразил, е на работ од елиминација по групната фаза. За пласман во главната рунда, на Французинките им е потребна победа над Данска во денешниот дуел.

По досегашните четири одиграни кола, место во главната фаза обезбедија селекциите на Норвешка и Холандија од групата А, Јужна Кореја и Германија од групата Б, Шпанија и Црна Гора од групата Ц и Русија, Шведска и Јапонија од групата Д. Селекцијата на Јужна Кореја е единствената неевропска селекција што обезбеди место во главната фаза од натпреварувањето.

Трката за трите преостанати места во главната рунда ќе финишира со денешните дуели помеѓу репрезентациите на Србија и Словенија во групата А, Франција и Данска во групата Б и Романија и Унгарија во групата Ц.

Трите најдобропласирани селекции од секоја група обезбедуваат пласман во разигрувањата во главната фаза, додека, пак, преостанатите ќе играат во Президент-купот, за пласман од 13-та до 24-та позиција.