Савехов во ЛШ ќе игра со тим од 15 тинејџери

358
Бернардо Пегас

Порто го има најмладиот играч сезонава во ЛШ, десното крило Бернардо Пегас (16), а меѓу тинејџерите е и македонскиот репрезентативец Ненад Костески (18), десно крило на Загреб

Со синоќешниот меч од групата Ц помеѓу финскиот првак Кокс и шведскиот првак Савехов почна 27-та сезона во Лигата на шампионите (ЛШ), во која клубовите годинава пријавија дури 131 ракометар-тинејџер. Португалскиот првак Порто го има најмладиот играч сезонава во ЛШ, десното крило Бернардо Пегас (16 години). Покрај Пегас на тинејџерската листа на ЕХФ има 17 ракометари со 17 години, 47 со 18, меѓу нив и Ненад Костески од Загреб, и 66 играчи на 19-годишна возраст.

Шведскиот првак Савехов, кој сезонава има пријавено дури 15 тинејџери во составот (тројца по 17, шест по 18 и шест по 19 години), го има најмладиот тим во ЛШ, со просек од 21,16 година. Словенечкиот првак Целје во натпреварувачкиот состав за сезонава пријави 10 тинејџери (четворица по 17, шестмина по 18 и тројца по 19 години) и го има вториот најмлад тим со просечна возраст од 21,98 година.

Според податоците на Европската ракометна федерација (ЕХФ), просечната возраст на македонскиот и актуелен европски првак Вардар сезонава е 26,02 години, а на Еурофарм Работник 28,23 години. Германскиот вицепрвак Кил, португалскиот Спортинг и финскиот првак Кокс се единствените тимови без тинејџери во составот.

Шведскиот вицепрвак Кристијанстад и данскиот Гог ги имаат пријавено највозрасните ракометари сезонава, голманите, Јаспер Ларсон (46) и Хаган Сорен Андерсон (45). Унгарскиот Сегед сезонава ќе го има највисокиот тим во ЛШ со просечна височина од 196,1 см. Следуваат Веспрем со 195,1 и Загреб со 193,8 см. Веспрем сезонава ќе има најмногу интернационалци во својот состав, дури 19. Шеста сезона едноподруго рускиот првак Чеховски Медведи е единствениот тим во ЛШ што нема интернационалци во својот состав.

Во последната сезона што ќе се игра по овој формат со четири групи, 28-те екипи во ЛШ пријавија вкупно 643 ракометари. Меѓу нив најмногу се Скандинавци 155, потоа 148 од Балканот, 45 Шпанци, 44 Французи итн.

Левото крило на Веспрем Дејан Манасков и десното крило на Загреб Костески се единствените македонски интернационалци сезонава во ЛШ. 

Хаган Сорен Андерсон