Ракометната репрезентација ќе го добие 20-от селектор?

592
Раул Гонзалес повеќе не е селектор на Македонија Фото: Маја Јаневска-Илиева

РФМ и Гонзалес се спогодија да ја прекинат соработката, предвидена да трае до 2020 година. Од осамостојувањето на Македонија на клупата на машката репрезентација седеле 19 тренери, од кои 11 македонски и 8 странци

Шпанскиот ракометен тренер Раул Гонзалес не е повеќе селектор на македонската машка репрезентација, по спогодбениот раскин на договорот со Ракометната федерација на Македонија (РФМ), кој имаше важност до 2020 година. За неделава од РФМ најавија детали за конкурсот за новиот селектор.

Во соопштението до јавноста, РФМ ги појасни причините за прекинот на соработката: „Земајќи ја предвид потребата машката А-селекција да има стратег, кој секојдневно ќе биде посветен и во тек со сите збиднувања поврзани со репрезентацијата, како и оддалеченоста и професионалните клупски обврски на досегашниот селектор, обете страни пријателски и фер се согласија околу прекинувањето на соработката“.
РФМ му се заблагодари на Гонзалес за досегашното работењe со репрезентацијата и му посака сѐ најдобро, многу успеси и многу титули во иднина.

– Иако ќе ни недостигаат неговата смиреност и тактичност на клупата, продолжуваме секој со своите предизвици кон нови победи – пишува, меѓу другото, во соопштението на РФМ.

Гонзалес на чело на македонскиот национален тим дојде во март 2017 година, како замена за Лино Червар, кој даде оставка на функцијата селектор, прифаќајќи ја функцијата во хрватската репрезентација. Тогаш меѓу РФМ и Гонзалес се постигна договор, кој требаше да трае до 2020 година, но, сепак, неговиот трансфер од Вардар во францускиот гигант ПСЖ го оддалечи од Македонија.

Во следните денови се очекува брза реакција на РФМ и поставување нов селектор на македонскиот национален тим, бидејќи за два месеца (на 10 и 14 април) Македонија ја очекуваат два квалификациски меча со Исланд за пласман на Европското првенство в година.

Во изминатите години од осамостојувањето на Македонија на клупата на машката ракометна репрезентација имаше 24 селекторски промени, вклучувајќи ја и сегашната со Гонзалес. На клупата на Македонија досега седнале вкупно 19 тренерски имиња, од кои 11 македонски и 8 странци. Селектори биле Славе Атанасовски, Ванчо Јовановски, Ристо Трпчевски, Стевче Стефановски, Цане Крстевски, Драган Здравковски, Љубомир Савески, Стојан Петрушевски, Гино Стрезовски, Илија Темелковски, Звонко Шундовски, Драган Нишевиќ, Зоран Живковиќ, Јошко Петковиќ, Драган Ѓукиќ, Веселин Вујовиќ, Ивица Обрван, Червар и Гонзалес. 


Најголеми успеси со Шундовски и со Обрван

Најголемиот успех македонската машка ракометна репрезентација на европските првенства го постигна под водство на селекторот Звонко Шундовски, кога беше освоено петтото место на Европското првенство во 2012 година во Србија. На мундијалите, пак, највисок пласман е забележан на Светското првенство во 2015 година во Катар, кога Македонија беше деветта, под водство на Хрватот Ивица Обрван. Та.Д.


ДОСЕГАШНИ МАКЕДОНСКИ СЕЛЕКТОРИ
Славе Атанасовски
Ванчо Јовановски
Ристо Трпчевски
Стевче Стефановски
Цане Крстевски
Драган Здравковски
Љубомир Савески
Стојан Петрушевски
Гино Стрезовски
Илија Темелковски
Звонко Шундовски
Драган Нишевиќ
Зоран Живковиќ
Јошко Петковиќ
Драган Ѓукиќ
Веселин Вујовиќ
Ивица Обрван
Лино Червар
Раул Гонзалес