Ракометарките од Автокоманда на мегдан со ПСЖ

121

Ракометарките на Металург викендов во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе бидат домаќинки на францускиот состав Иси ПСЖ, а во рамките на двомечот од 1-то коло од Купот на ЕХФ. Првиот меч се игра утре, со почеток во 16.30 часот, а реваншот е закажан в недела, во истото време. Искусниот и квалитетен тим на Иси ПСЖ, кој во своите редови има и шест интернационалки, ја има фаворитската улога во однос на младиот состав на Металург, чии ракометарки имаат просечна возраст од 18 години.

– Свесни сме за квалитетот и искуството на противникот, но тоа не значи дека нашите девојки на теренот ќе се појават со бело знаме. Ќе се потрудиме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се создаде и пред сѐ да прикажеме добра и борбена игра – вели претседателот на женската екипа на Металург, Филип Христов, кој додаде дека влезот во салата е слободен и апелираше до љубителите на ракометот да дојдат во салата во што поголем број за да им дадат поддршка на младите ракометарки од Автокоманда.