Ракометарките на Металург шампиони, прекината доминацијата на Вардар

117
Фото: Игор Бансколиев

Дисциплината, посветеноста, работата и најмногу лојалноста беа факторите на нашиот успех, вели Јулијана Црвенковска, тренерот на Металург

Ракометарките на Металург се новите шампионки на Македонија, откако во мечот од последното коло од плејофот славеа убедлива победа над Стружанка со 32-18 (12-11). Најефикасни во последниот триумф сезонава кај Металург беа Пена Граматова и Леонида Гичевска кои постигнаа по 10 гола.

– Горда сум на целиот тим и на сите кои стојат зад нас, нѐ следат и не поддржуваат. Горда сум на девојките кои вложуваат во себе и кои се свесни дека работата, чесноста и лојалноста се бесценети и дека секогаш даваат резултати. Во текот на целата сезона Металург никого не потцени, туку само ги покажуваше своите квалитети, најчесно. Дисциплината, посветеноста, работата и најмногу лојалноста беа факторите на нашиот успех. Нашата истрајност и реалното гледање на работите доведоа до тоа на виделина да исплива нашиот квалитет, што и ни ја донесе титулата – изјави тренерот на Металург, Јулијана Црвенковска.

Со овој триумф, Металург, по седумгодишната доминација на европскиот состав на Вардар, го врати шампионскиот трофеј во Автокоманда. За девојките од „Автокоманда“ ова е четврта шампионска круна по хет-трикот во сезоните 2009/10, 2010/11 и 2011/12.

Иако сезонава беше понеизвесна за разлика од претходните шест, избраничките на Јулијана Дамчевска покажаа најмногу кога беше најпотребно и со право го подигнаа победничкиот пехар. Треба да се истакне и дека сениорскиот состав на Металург всушност е истиот оној што минатиот месец се закити и со титулата младински првак на Македонија. Тоа, пак, е уште една потврда за одличната и посветена работа на стручниот тим, но и на квалитетот на младите ракометарки на Металург. 


Младинките ќе се тестираат со Бугарија

Селекторката на женската младинска ракометна репрезентација на Македонија, Јулијана Дамчевска, го објави списокот со 18 репрезентативки за претстојната ЕХФ-недела, во чии рамки младинките ќе одиграат два пријателски натпревара со селекцијата на Бугарија.
Натпреварите ќе бидат дел од подготовките за настапот на Македонија на претстојниот ЕХФ-шампионат, Б-дивизија во Литванија. Собирот на репрезентацијата е закажан за понеделник (15.30 часот) во салата „Автокоманда“ во Скопје.
На списокот се: Симона Грујовска, Андреа Илиќ, Милица Николиќ, Ана Марија Божиновска, Андреа Седловска, Ивона Трпевска, Ивана Џатевска (Вардар), Амра Илјаз, Јана Калајџиевска, Мила Георгиевска, Марија Тасевска, Аида Смајлиоска (Металург), Јована Кипријановска, Тамара Ивановска, Мила Трајковиќ (Куманово), Ангела Јанкуловска, (Пелистер), Јована Мицевска (Франција) и Арлинда Динарица (Германија).