Ракометарките на Куманово ја продолжија неизвесноста во првенството

160

Ракометарките на Куманово во последниот натпревар од плејофот во женската Суперлига вечерва на домашен терен ја совладаа првопласираната екипа на табелата, екипата на Металург со 25-23 (15-9), со што и официјално ја завршија оваа натпреварувачка сезона.

Ракометарките на Куманово по вторпат едноподруго ја совладаа во моментот најдобрата женска екипа во Суперлигата, Металург, овојпат во плејофот, откако претходно ја совладаа и во полуфиналето од Купот.

На двете екипи им припадна по едно полувреме, па така домашните ракометарки беа подобри во првото полувреме кога на моменти имаа водство од осум гола (14-6) и на паузата заминаа со водствоод 15-9. Во второто полувреме гостинските ракометарки на Металург ги консолидираа своите редови и се почесто се закануваа кон голот на Куманово, па како резултат на ефикасната игра, на две минути до крајот успеаја да се доближат на негатива од два гола 22-24, но сепак, немаа сили за целосен пресврт. 

Со оваа победа ракометарките на Куманово се изедначија по бројот на бодови со екипата на Металург, но скопјанки до крајот на првенството имаат ште еден натпревар на домашен терен, на кој со победа можат да стигнат до шампионската титула.

Најефикасни кај Куманово беа Мила Трајковиќ, Александра Боризовска, Ана Шарановиќ и Сања Дабевска со по четири гола, додека кај ЖРК Металург најпрецизни беа Леонида Гичевска и Јана Калајџиевска со по седум постигнати погодоци. Т.Д.