Ракометарите третпат гледаат кон ЛОИ

234
Фото: Игор Бансколиев

Со нов висок пласман на СП 2019 можно е обезбедување директно место на Игрите во 2020 година во Токио или трет пласман во квалификациите, по тие за ЛОИ во 2012 во Лондон и за ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро

Македонската ракометна репрезентација шести пат ќе биде дел од светските првенства или вкупно седум години и на осум големи турнири во низа континуирано присуство на меѓународната сцена. Серијата почна во 2012 година со настапот на Европското првенство во Србија, со наизменично учество на светски и на европски првенства. В година Македонија ќе игра на СП 2019 во Данска и во Германија.
Сосема заслужено македонските ракометари се на мундијалот, оти покажаа на теренот поквалитетна и посигурна игра и без некој поголем напор стигнаа до посакуваната цел, победувајќи ја убедливо Романија дома (32-24), а загубувајќи минимално на гости (25-26).
Македонија досега пет пати настапила на СП, континуитетот почна во Шпанија на СП 2013, продолжи во Катар две години подоцна, каде што беше остварен и најдобриот пласман досега на мундијалите (9-то место), а потоа играше и на СП во Франција, лани.
СП 2019 ќе биде нова можност за македонските ракометари да стигнат до летни олимписките игри (ЛОИ), овој пат на Игрите во 2020 година во Токио. За да се стигне до таква можност, настап на квалификациски турнир, потребен е пласман на СП 2019 барем меѓу најдобрите осум селекции.
Црвено-жолтите досега имаа две такви можности за пласман на ЛОИ, но и двапати не успеаја, првиот пат на квалификацискиот турнир во Шведска и вториот пат во Полска.
На СП, покрај Македонија, домаќините Данска и Германија, светскиот првак Франција, европскиот шампион Шпанија, пласман од Европа обезбедија и Србија, Исланд, Русија, Унгарија, Австрија, Шведска, Норвешка, Хрватска, потоа од Азија ќе играат Катар, Бахреин, Јапонија, Саудиска Арабија и Јужна Кореја, а од Африка треба да настапат Тунис, Египет и Ангола. Се чекаат уште три селекции од Панамериканското првенство. Ждрепката треба да биде влечена на 25 јуни.