Ракометарите пред кошаркарите, фудбалерите и одбојкарите

360
Фото: Маја Јаневска-Илиева

На листата на ИХФ македонските ракометари се на 28-то место, кошаркарите неделава забележаа пад за две места, до 42-то, фудбалот е на 71-то во светот, а одбојкарите на необновената листа (од октомври лани) се на 131-то, без пресметан пласман на ЕП 2019

Машката ракометна репрезентација на Македонија котира најдобро на моментните ранг-листи во четирите големи екипни спортови (фудбал, ракомет, кошарка и одбојка), во споредба со другите македонски селекции во овие колективни спортови.
На необичната ранг-листа на интернет-страницата на Светската ракометна федерација (ИХФ), каде што, на пример, Србија е пред Шпанија, Романија е пред Хрватска, Полска и Исланд, македонските ракометари се на 28-то место, со 17 бода, меѓу 50 селекции што фигурираат на листата. Прва е Германија, пред Шведска и Данска, а во првите 10 сите репрезентации се од Европа.

Кошаркарската селекција на Македонија забележа пад од две места и на ранг-листата на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) објавена пред неколку дена е на 42-то место со 248 бода од вкупно 149 селекции. Неприкосновени се САД (793,7), пред Шпанија (703,4) и Франција (650,2), а во првите 10, осум се европски селекции, покрај САД уште е и Аргентина, на петтата позиција.

Фудбалската репрезентација на Македонија, пак, на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) е на 71-то место со 1.343 бода во конкуренција на 211 селекции. Прва е Белгија (1.727), пред Франција (1.726) и Бразил (1.676). Меѓу првите 10, осум селекции се од Европа.

Најлош пласман засега имаат македонските одбојкари, кои во јануари годинава се пласираа на ЕП 2019 и кои на необновената октомвриска листа од 2018 година на ФИВБ (веројатно во следниот период се очекува нова) се на делба на 131-та позиција (без бодови), со уште 46 држави од вкупно 177. На таа листа води Бразил со 315 бода, пред САД (300) и Италија (266). Меѓу првите 10, пет селекции се европски. 


ПЛАСМАНИ НА СВЕТСКИТЕ ЛИСТИ
ракомет  28    50
кошарка 42  149
фудбал   71  211
одбојка 131  177
во првата колона е пласманот, во втората вкупниот број рангирани