Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста

37

Ракометната академија Металург заокружи уште една успешна сезона


Со завршувањето на финалните натпревари во 12-та сезона од мини-лигата на Металург, Ракометната академија Металург, во салата „Автокоманда“ во Скопје заокружи уште една успешна сезона во младите категории. Повеќе од 300 деца, членови на ракометните школи на Металург, ги примија медалите и признанијата за остварените успеси во натпреварите од мини-лигата на Металург, а шампионски титули во витрините на клубот донесоа женските екипи во пионерска и во младинска конкуренција и машката младинска екипа, кои се натпреваруваа во рамките на Ракометната федерација на Македонија.

Расадникот на млади ракометари, кој секоја година цути во РА Металург во периодот од март до јуни, годинава имаше повеќе од 300 деца од школите во Скопје, Прилеп, Охрид и во Кичево, на кои на завршниот турнир им се приклучија и децата од Виница, Каменица, Кавадарци и од Штип. Дечињата поделени во три возрасни категории (машки и женски) 2004-2005 г., 2006-2007 г. и 2008 г. и помали, играа по системот секој со секого во категоријата и на крајот беа прогласени најдобрите три екипи и најдобрите играчи и голмани. И сезонава, како и претходните, во „Автокоманда“ повторно расцветаа нови таленти, кои во иднина со гордост ќе ги носат клупскиот и националниот дрес, а сето тоа благодарение на системски планирана, спроведувана и реализирана стратегија на Металург.

Металург одамна го посеа семето на здрав спортски дух, чесен, развоен, компетитивен, перспективен… Тоа веќе е препознатлив белег на клубот, поддржан кај спортистите, спортските клубови, спортските работници… Концептот е во основа спортски, но е длабоко патриотски. Она што Металург го демонстрира на дело преку академијата, тоа е само мал дел од манифестирањето на силна волја за изградба на здрава ментална и физичка спортска нација. Таквиот приод Металург одамна го вградил во својата стратегија. Уште повеќе, клубот се обидува да го пренесе тоа многу пошироко, на сите спортски полиња, на ниво на спортски федерации и со квалитетна продлабочена комуникација и соработка со локалната самоуправа и со државните институции. Само на тој начин, со силен национален консензус и по ова прашање, е реално да се дојде до резултат. И во рекреативниот спорт опфаќајќи широка база, но и во професионалниот спорт остварувајќи врвни светски резултати.

Низ професионалниот пристап на работа на Металург се спроведуваат три облици на воспитување. Децата се учат на спортска култура, на грижа за другиот и емпатија, а тоа е најголем критериум за моралност. Тоа е приод во кој се развива и се вградува вредносна култура кај децата, во смисла да може да развива кај младите чувство на задоволство, среќа, радост, а со сето тоа им се градат духовните вредности. Преку систематска работа со помладите категории, академијата на Металург им овозможува на децата низ ракометот да се социјализираат, да стекнат етика на работа, култура на однесување и морал. Сите спортски успеси се должат на секојдневна макотрпна работа и преку постигнување достижни меѓуцели, децата се градат и се подготвуваат за достигнување многу повисоки, долгорочни цели. Изреката што вели дека „разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“ е максима, која академијата на Металург ја има пред себе. Повеќе од една и пол деценија Металург работи на базата, која од година на година е сѐ поширока и поплодна.

Битието на изворната идеја на Металург е дека со посветеноста, упорноста, докажувањето (пред себеси најпрво), надградбата, стручноста, компетитивноста, во комбинација со моралноста и со етичноста, се градат млади луѓе што ќе бидат перспективата, иднината, развојот и просперитетот на нашата држава, Република Македонија.