Психолошки приод за спортска но и за животна победа

82
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во насока за изградба на здрави психофизички стабилни личности, кои во својата околина ќе зрачат со позитивен дух, креативност и конструктивност, РК Металург, во соработка со првата приватна општа болница „Ре-медика“, усвои проект за психолошка надградба на младите ракометари. Целта е создавање индивидуи и тим препознатливи по својата борбеност, спортска дрскост и желба за победа, но и индивидуални личности што ќе знаат што се спортски морал и етика, ферплеј и во победа и во пораз, професионално и приватно

Тандемот РК Металург – „Ре-медика“ отвора нови можности за постигнување повисоки цели

Младите ракометари на Металург полека но сигурно почнуваат да ги откриваат перспективите на еден интегрален приод на спортските тренинзи и третмани, низ кои поминувајќи, веројатноста тие да успеат е многу повисока. И тоа не само да успеат на спортските натпревари. Имено, бенефициите на споменатиот интегрален пристап не се само ракометно-клупски, или репрезентативни, туку тој е и личен и персонален.
Тој е во насока за изградба на здрави психофизички стабилни личности, кои во својата потесна и поширока околина ќе зрачат со позитивен дух, креативност и конструктивност. Таквиот начин на тренинзи е овозможен со професионална и стручна логистика од „Ре-медика“, реномираната здравствена институција од каде што вчера во новата училница за теоретска настава во РК Металург, дојдоа двајца психолози со соодветна долгорочна индивидуална и групна програма. Целта е создавање индивидуи и тим препознатливи по својата борбеност, спортска дрскост и желба за победа, но и индивидуални личности што ќе знаат што се спортски морал и етика, ферплеј и во победа и во пораз.

Минатиот викенд младите металурзи беа вистински борци во мечот со Бешикташ во Лигата на шампионите, но падот на психолошката стабилност и концентрацијата предизвика лоша реализација во клучни моменти и им создаде пречка на патот до втората победа во годинашното елитно клупско натпреварување.

За таа цел, во салата „Автокоманда“ почна да работи психолошки тим на првата приватната болница „Ре-медика“, во состав д-р Марија Стојкоска Василевска и д-р Павлина Михаловска. Тие на својата прва работилница, од серијата активности, преку кратка презентација и психолошки вежби на младите ракометари на Металург им укажаа на екстремното значење на менталното здравје и на психолошката стабилност во реализацијата на поставените цели и задачи, професионално и приватно.

– Психолошките работилници во соработка со нашите пријатели од „Ре-медика“ ги замисливме како една одлична инвестиција во менталното здравје на нашите играчи, со оглед на тоа што сите се наоѓаат во период на адолесценција од 15 до 27 години, односно како помош во процесот на психолошкото созревање на спортистите, кој е еднакво важен фактор како и физичкиот развој. Свесни сме дека некои од играчите се соочуваат и со лични тешкотии во приватниот живот, знаеме дека таквите моменти влијаат на играта, а знаеме и колку дополнително може да бидат стресни и самите натпревари. Затоа, како тим што се грижи за своите играчи, одлучивме да организираме психолошки групни и индивидуални работилници, со кои ќе ми помогнеме на нашите играчи правилно и разумно да се носат со предизвиците во животот и во спортот и да имаат целосна контрола над себе и своите чувства и емоции – изјави Зорица Блажевска, претседателката на Металург.

Меѓу дел од точките на кои психолозите обрнаа внимание во својата презентација беа развојот на личноста на спортистот и утврдување и градење сопствен идентитет, предизвиците на патот на менталната и на емоционалната зрелост, како и за амбициите, комплетноста, трпеливоста, тимскиот дух, лидерските вештини, одговорноста, тремата и импулсивноста како дел од карактеристиките што ги поседува еден спортист.

– Нашата главна цел е да им помогнеме на играчите да разберат дека физичкото здравје е тесно поврзано со менталното здравје. Па затоа со примена на различни методи, вежби и техники ќе се обидеме да ги заинтересираме за теми од личен развој за да разберат како функционираат нивната личност, психа и ум. Со овие психолошки работилници ќе им помогнеме полесно да стигнат до исполнување на својата цел и исполнување на својот животен потенцијал – изјави тренерот Данило Брестовац.
Ова беше прва во низата психолошки работилници, кои се предвидени да се реализираат со младите ракометари на Металург, за што постабилно и посигурно да се движат на патот кон успехот.