ПСЖ сонува за реванш каков што имаа Целје, Берлин, Фленсбург…

316

ПСЖ в недела ќе брка негатива од 10 гола за пласман на фајналфорот, на мечот дома со Киелце. Во минатото, во ЛШ двоцифрена разлика по прв меч надоместувале Целје, Фленсбург, Фуксе Берлин…

Ракометарите на францускиот ѕвезден тим ПСЖ ќе ги имаат најтешката задача и најголемиот притисок во реваншите од четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) викендов, по високиот пораз од Кеилце со 24-34 на гости во минатата недела. Сепак, избраниците на тренерот Раул Гонзалес имаат причина да се надеваат на чудо на домашен терен, бидејќи во ракометната историја и повисоки победи во првите дуели не биле доволни за вкупна победа.

Монпелје во првиот осминафинален меч со Колдинг (2004/2005) на гости загуби со 29-38, а во реваншот славеа со 36-25. На ракометарите на Адемар Леон, пак, во два наврати победата во првите дуели со повеќе од 10 гола не им била доволна за пласман во следна рунда. Во сезоната 2002/2003 во првиот четвртфинален меч против Целје на домашен терен победија со 38-25, а во реваншот загубија со 34-21. Истата сезона Целје стигна до шампионската круна. Шпанците слично беа елиминирани и во четврт-финалето во сезоната 2011/2012, кога во првиот меч со Фуксе Берлин славеа со 34-23, но го загубија реваншот со 18-29.

Негатива од 10 гола имаат анулирано ракометарите на Фленсбург во сезоната 2006/2007, кога во првиот осминафинален дуел на гости загубија од Целје со 31-41, но во возвратниот меч победија со 36-26. Фленсбург таа сезона стигна до финалето, но беше запрен од Кил, со вкупен резултат 55-57.

Ракометарите на Вардар, Барселона, Веспрем и на Киелце им зададоа тешки задачи на своите противници, со кои викендов треба да ги одиграат реваншите од четврт-финалето. На домашен терен, Веспрем ќе брани шест гола, а Барселона пред своја публика ќе има седум гола предност. Ракометарите на Вардар во Унгарија одат со предност од осум гола, а Киелце реваншот во Париз ќе го почне со 10 гола разлика.