ПСЖ пак доминира во изборот на најдобрите

78

Тимот на тренерот Раул Гонзалез во изборот на „Хендбал планет “ конкурира со девет ракометари

Членовите на францускиот ПСЖ доминираат на листата за избор на најдобар светски ракометар за 2018 година, кој осми пат го организира порталот „Хендбал планет“. Жирито направи листа од 32 ракометари (по четворица на секоја позиција) што ќе конкурираат во изборот за најдобрите осум ракометари по позиции и во изборот за најдобар ракометар на годината.

Тимот на тренерот Раул Гонзалез во изборот конкурира со девет ракометари, од кои двајца леви бекови и по еден во секоја од другите категории. Со четворица ракометари учествува полскиот првак Киелце, а по тројца има од Левен. Фленсбург, Барселона и од Нант. Од шампионот Монпелје има само двајца – Мелвин Ричардсон и Диего Симоне.

ПСЖ како тим доминираше и во минатогодишниот избор, но тогаш со шестмина ракометари, во 2016-та најмногубројни беа ракометарите на Килеце, а во 2015 година со шестмина ракометари најзастапена беше Барселона. Покрај гласовите од жирито, ракометарите заклучно со 9 декември ќе можат да добијат глас и од навивачите преку онлајн-гласање на сајтот на порталот.

Седум години по ред кандидати во изборот се левите крила Уве Генсхајмер и Гудјон Валур Сигурдсон, левиот бек Микел Хансен, централниот бек Никола Карабатиќ, десното крило Виктор Томас, пикерот Жуле Агинагалде и дефанзивците Виран Мороз и Тобијас Карлсен. Единствена променлива категорија се голманите, чија најдолга серија е две кандидатури во низа.


ПРЕТХОДНИ ПОБЕДНИЦИ
ГОД. ИГРАЧ (КЛУБ)
2011 Ласло Наѓ (Барселона)
2012 Филип Јиха (Кил)
2013 Домагој Дувњак (Хамбург)
2014 Никола Карабатиќ (Барселона)
2015 Никола Карабатиќ (ПСЖ)
2016 Микел Хансен (ПСЖ)
2017 Арпад Штербик (Вардар)