Продолженијата пак ги оставија вардарки без посакуваниот трофеј

1718
Андреа Лекиќ во акција

Ракометарките на Вардар не успеаја да го освојат посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите (ЛШ), откако загубија од актуелниот првак Ѓер со 26-27 по продолженија (20-20 по 60 минути игра), во неизвесното финале на фајналфор-турнирот, одиграно попладнево во Будимпешта. Андреа Чанаџија имаше удар за израмнување на резултатот во последниот напад, но противничката голманка Ева Киш го одбрани нејзиниот обид од непосредна близина.

Вардар играше одлично во одбраната, што може да се забележи и по 11-те минути без погодок на Ѓер во првото полувреме, како и безмалку осумте минути без реализација на почетокот од вториот дел, за што големи заслуги имаше и голманката на „црвено-црните“ Амандин Лејно, која го заврши мечот со 17 одбрани. 

Но во завршницата, вардарки немаа решение за Едуарда Аморим, која го постигна последниот гол за Ѓер во регуларниот дел, како и четири погодоци во дополнителните 10 минути.

Ова беше петто учество за ракометарките на Вардар на завршниот турнир, на кој и лани беа поразени во финалето од унгарски Ѓер, исто така по продолженија (30-31), додека претходно трипати беа третопласирани.

Андреа Лекиќ постигна шест гола за македонскиот шампион, а Јованка Радичевиќ погоди четирипати, додека кај Ѓер се истакнаа Нике Грот со осум и Аморим со шест погодоци.

Романски Букурешт го освои третото место на завршниот турнир, откако го совлада руски Ростов Дон со 31-30.

Голманката на Вардар, Лејно, беше прогласена за најкорисна ракометарка (МВП) на завршниот турнир, на кој забележа вкупно 33 интервенции во двете средби. Таа имаше 16 одбрани во полуфиналето против Ростов (25-19).