Преку Чешка и Португалија до пласман на ЕП 2020

146

Шведска е изразит фаворит во групата во која е и Македонија и во која Чешка досега има шест настапи на ЕП и Португалија еден

Селекциите на Шведска, Чешка и на Португалија ќе бидат противниците на македонската женска ракометна репрезентација во квалификациските дуели за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, кое ќе се игра во Норвешка и во Данска.

Шведска се издвојува како фаворит во групата, со оглед на тоа што во квалификациите за пласман на ЕП 2018 и баражот за пласман на Светското првенство во 2017 година во четири наврати беше поуспешна од македонската селекција.
Чешка е најдобрата варијанта меѓу конкурентите што беа во вториот барабан пред ждрепката. Зад себе има шест настапи на ЕП, од кои најдобриот пласман е осмото место на континенталните првенства во 1994 и во 2002 година. На ЕП 2018 во Франција заврши на 15-то место. Солиден противник е и селекцијата на Португалија, која иако досега само еднаш учествувала на ЕП (2008 година, 16. место), знае да одигра добро.

Во овој квалификациски циклус ќе чествуваат 28 репрезентации, кои се поделени во седум групи со по четири селекции, а само двете првопласирани репрезентации од секоја од групите обезбедуваат пласман на ЕП. Директен пласман на ЕП имаат само домаќините Норвешка и Данска.

Првите две квалификациски кола се закажани за 25/26 и 28/29 септември годинава, а преостанатите четири кола ќе се играат во март (25/28) и во мај (27/31) 2020 година.