Преку Фарски Острови до финале и до пласман на ЕП 2021

109
Дарио Петровски (со топка) - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во полуфиналето вечерва (20 часот) Македонија се среќава со Фарски Острови, а Белорусија игра против Швајцарија (17.30 часот)

Македонија со победата над Украина (28-27) во последниот меч од групната фаза на ЕХФ-шампионатот од Б-дивизијата што се игра во СЦ „Борис Трај­ковски“ во Скопје обезбеди пласман во полуфиналето.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац, во дуелот против Украина, не беа на нивото како во мечот со Швајцарија, но сепак славеа значајна победа на патот кон целта, која е пласман и победа во финалето и директен пласман на следното јуниорско Европско првенство (ЕП) 2021.

Противник на Македонија во денешното полуфинале ќе биде селекцијата на Фарските Острови (20 часот), а во првото полуфинале ќе играат Белорусија – Швајцарија (17.30 часот). Победникот во утрешното финале (20 часот) ќе се пласира на следното ЕП 2021 година, а поразените селекции во полуфиналето ќе разигруваат за утешното трето место (17.30 часот).

– Им честитам на момците за победата и за борбеноста. Очекував дека тоа ќе биде тежок мечот, не како против Швајцарија. Тие се комплетно поинаква екипа, малку се потешки, со одлични шутерски способности. Затоа акцентот во одбраната го ставивме на централниот дел, со одбранбена формација 5-1. Во овој меч ни недостигаше помошта на голманот Матеј Петковски, но затоа младиот Марко Кизиќ во вистински момент одбрани неколку клучни удари, кои ни помогнаа да ја направиме минималната предност во завршницата – истакна селекторот Брестовац по победата и пласманот по полуфиналето.

Македонија заврши на првата позиција во групата Б и е единствената непоразена селекција, со седум бода по трите победи над Швајцарија (30-24), Велика Британија (32-15) и Украина (28-27) и ремито со Италија (27-27). Втората позиција и место во полуфиналето си обезбеди и Швајцарија.
Во групата А првото место го освои Белорусија, а второто селекцијата на Фарски Острови.

Во пресрет на полуфиналниот меч со „островјаните“, селекторот Брестовац е загрижен за физичката „неподготвеност“ на младите ракометари.
– Единствено тоа ме загрижува во пресрет на мечот со Фарските Острови. Досега одигравме четири натпревари за седум дена и сметам дека тоа им беше многу напорно, со оглед на тоа дека некои од играчите не беа најдобро физички подготвени. Вчерашниот ден го искористивме за одмор и за санирање некои поситни повреди, за што поподготвени да влеземе во важниот дуел – истакна селекторот Брестовац.
Според статистиките од досега одиграното, Швајцарија ја има најдобрата одбрана, со просек од 22,2 примени голови по натпревар. Втора е одбраната на Македонија со 23,2 гола по меч, а трета на Фарските Острови, со просек од 23,8 гола. Селекцијата на Белорусија го има најдобриот напад во досегашниот тек на турнирот, со просек од 30,8 гола по натпревар. Втора по ефикасност е Швајцарија, со просек од 29,7 гола, а трета Македонија со 29,2 гола.

Селекцијата на Фарски Острови е најефикасна од позициите на лево крило (35 гола) и на десен бек (31 гол), а солидна поддршка имаа и од левата бековска (20 гола) и централната позиција (10 гола), како и линијата од шест метри, од каде што реализираа 15 гола. Најефикасни поединци во составот на Фарски Острови се десниот бек Вилхелм Поулсен со 24 постигнати гола, левото крило Хоги Захариасен со 23 и левиот бек Брандур Халгрисон со 20 гола.

Македонија, пак, има 59 реализации од бековските позиции, 46 од крилните и по 11 од пикерската позиција и од на линијата за шест метри. Најефикасни поединци во македонскиот состав се Марио Танкоски со 24 гола и Мице Шилегов со 22 гола.


Брестовац: Одличен, но не и непобедлив противник

Според играта што ја прикажа на турнирот, како и од видеоанализите што ги направивме, може да се заклучи дека Фарските Острови се одличен состав, кој негува т.н. скандинавски стил на игра, со брзи и прецизни додавања и со многу трчање. Но тоа не значи дека се непобедливи. Синоќешниот тренинг го искористивме главно на тактичка подготовка на нашиот состав. Намерата е со организирана и пред сѐ колективна игра, базирана на индивидуални решенија, да им парираме на нивната игра и да победиме, истакнува селекторот на македонските надежи Данило Брестовац.