Предлог-правила за уште побрз, поинтересен и повозбудлив ракомет

114

Предлагам промени на правилата, кои ќе го направат денешниот ракомет висококвалитетен спорт, поблизок и поинтересен за гледачите, лесен за сфаќање и за учење и со полесно и појасно носење судиски одлуки, со што ќе влезе во рангот на фудбалот и на кошарката, вели, меѓу другото, ракометниот стручњак Владо Штенцл, кој ги испратил предлозите во ИХФ

Временски ограничен напад, нови правила за измени и за исклучувања, се дел од идеите што како предлог до Светската судиска комисија и до Светската ракометна федерација, претседателот Хасан Мустафа, ги испратил некогашниот ракометар и селектор, Владо Штенцл, пренесе хрватскиот дневен весник „Спортске новости“ на својата интернет-страница.
– Предлагам промени на правилата, кои ќе го направат денешниот ракомет висококвалитетен спорт, поблизок и поинтересен за гледачите, лесен за сфаќање и за учење и со полесно и појасно носење судиски одлуки, со што ќе влезе во рангот на фудбалот и на кошарката. Интересот на публиката не е само голем број лесни голови, туку и напнатост во сите 60 минути – вели, меѓу другото, Штенцл, освојувачот, како селектор, на олимписко злато со Југославија во 1972 година и на светска титула со Германија во 1978 година.

Штенцл, кој седумгодишната експериментална работа ја реализирал на турнири во Германија, предлага ограничување на додавањата на голманите, ограничен напад од 45 секунди, ударот од седум метри да го изведува оној играч над кого е направен прекршокот, воведување исклучување од три минути за груб прекршок, измена на играчите само кога екипата е во напад, давање предност во играта со санкционирање на прекршок по завршување на нападот, дефинирање на поимот „пробивање“ само ако играчот со раце си прави простор, давање поголема слобода при изведување удар од девет метри по истекувањето на времето, како и промена во бодувањето со плус и минус по еден бод за екипа што победила, односно изгубила со барем пет гола разлика.

Според правилото за голманите, тие би смееле да излезат од својот простор од шест метри и да направат само едно додавање, а ако направат второ додавање да следува седмерец. Со ова правило голманот се спречува со својата игра да направи вишок играч во напад за својата екипа. Со ограничувањето на времетраењето на нападот се исклучува досегашното правило „пасивен напад“. Времето би почнало да се мери кога една од екипите ќе дојде во посед на топката, а мерењето се запира по прекршок, пенал, аут, исклучување.

Штенцл предлага и давање поголема слобода на играчот при изведување удар од девет метри по истекот на времето. Со ова правило завршниот удар може да се изведе со директен шут или со едно додавање пред удар. На гол смее да се шутира само од надвор од линијата за девет метри. Со ова правило му се дава поголема вредност на последниот шут и поголема шанса за погодок.

– Ракометот со овие нови правила би станал игра со уште повеќе возбуда, а тренерите би добиле поголемо тактичко влијание врз играта и врз резултатот – вели Штенцл. 


Седмерец да изведува само играчот врз кој е направен прекршокот

За предлогот седмерец да изведува ракометарот врз кој е направен прекршокот Владо Штенцл вели дека ќе влијае мотивациски кај играчите за повеќе акции еден на еден, а квалитетот на ракометарите нема да биде гледан само според бројот на постигнати голови. Со ова правило ќе им се даде поголема шанса на голманите за одбрана. Пеналот ќе може да го изведе друг играч само ако тој над кој е направен прекршокот поради повреда не може да шутира, но тој во следните пет минути нема да има право да влезе во игра.