Прв пораз на ПСЖ, Спортинг и Висла во баражот за осминафинале

129
Мирко Алиловиќ

Унгарскиот првак Пик Сегед ја прекина победничката серија на ѕвездениот тим на Раул Гонзалез, ПСЖ, и во мечот од 9-то коло од Лигата на шампиони (ЛШ) му го нанесе првиот пораз сезонава, 33-32. Левото крило Стефан Сигурмасон, кој постигна 11 погодоци, беше нерешлива енигма за француската одбрана и за голманите Тери Омејер и Родриго Коралес, а голманот на Пик Сегед, Мирко Алиловиќ, беше најголемата пречка за избраниците на Гонзалез.

Ракометарите на Загреб и Нант го одиграа осмото реми, 27-27. Избраниците на Лино Червар го диктираа темпото на игра, но немаа сили за победа, Нант успеваше да ја стигне нивната предност и да изедначи.

Значајни победи во трката за бараж за осминафиналето од ЛШ забележаа и ракометарите на Висла, Динамо и на Спортинг. Полскиот вицепрвак Висла со победата над Адемар Леон, 25-23, се зацврсти на првата позиција во групата Д и остави замрсена ситуација во борбата за втората позиција, бидејќи Динамо по победата над Кокс (24-22) има 12 бода и е на втората позиција, бод помалку има Адемар, а во игра за втората позиција е и Елверум, кој има 10 бода и меч помалку. За разлика од групата Д, работите во групата Ц станаа речиси јасни по победите на Силкеборг над Металург (33-29) и на Спортинг над Бешикташ (34-28). По поразот од Чеховски медведи (38-26), Татран Прешов испадна од трката за бараж.