Половина од селекторите за СП 2021 се од шест земји

66

На Мундијалот во Египет најмногу селектори ќе има од Шпанија, петмина, Исланд и Португалија ќе бидат застапени со по тројца, а ќе има и по двајца Французи, Швеѓани и Германци…

РАКОМЕТ

Светското првенство во јануари во Египет ќе го има своето 27. издание и ќе биде ракометен мегдан на 34 ракометни стратези (две репрезентации имаат по двајца селектори), за кои победите и златниот медал ќе бидат единствена цел. За разлика од Европското првенство годинава, кога 80 отсто од селекциите беа предводени од релативно млади селектори (до 45 години), на претстојното СП репрезентациите ќе имаат малку поискусни стручњаци (просечна возраст 53 г.).
Најискусен на ова СП ќе биде селекторот на Хрватска, Лино Червар (70), а искусни стратези на своите клупи ќе имаат и селекциите на Катар (Валеро Ривера, 67), Аргентина (Маноло Каденас, 65), Русија (Велимир Петковиќ, 64), Германија (Алфред Гисласон, 61) и Белорусија (Јури Шевцов, 61).

Полска, како и на ЕП така и на СП, ќе биде предводена од најмладиот, 37-годишниот Патрик Ромбел. Во помладата група ракометни селектори на Мундијалот во Египет се и селекторите на Шведска (Кристијан Андерсон, 39), Египет (Роберто Гарсија Парондо, 40), Унгарија (Чема Родригез, 40), како и на Австрија (Алеш Пајовиќ, 41).
Дури 81 отсто од селекторите на СП во Египет се Европејци (26). Домашни селектори имаат 59 проценти од селекциите (19), а 41 отсто од репрезентациите ќе бидат предводени од странски селектори (13).
На СП во Египет најмногу ќе има селектори Шпанци, петмина. Каденас ќе ја предводи Аргентина, Парондо ќе биде на чело на Египет, Родригез на клупата на Унгарија, Ривера на Катар и Жорди Рибера како лидер на шпанската селекција, актуелен европски првак.

Исланд ќе биде застапен со тројца селектори, Гудмундур Гудмундсон (Исланд), Дагур Сигурдсон (Јапонија) и Алфред Гисласон (Германија), а исто толку ќе има и Португалци, Филипе Круз (Ангола), Хозе Томас (Зеленортски Острови) и Пауло Переира (Португалија). Меѓу селекторите ќе има и двајца Швеѓани (Шведска и Словенија), Французи (Алжир и Франција) и двајца Германци (Бахреин и Русија).