Половина лига суспендирана поради коронавирус

209

Никој не посакуваше и не очекуваше да се случи ваква ситуација. При изготвувањето на протоколот за тренинг и за натпревари разгледувавме и случување на непријатни моменти, како овој сега, и во согласност со тоа следува и суспендирање на натпреварите во групата А на две недели. Сега сите ќе го постават прашањето што ако се повтори ваков случај и како понатаму? Искрено се надевам дека нема да имаме нови случаи во иднина, а ако има ќе дејствуваме како што ќе наложува моментната ситуација, изјави координаторот за натпреварување Славе Николов, откако 18 ракометари се позитивни на коронавирусот

РАКОМЕТ

Само по две одиграни кола во ракометната Суперлига, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) се соочи со првиот проблем поврзан со коронавирусот, откако речиси целиот тим на Голден Арт КЛ7 е позитивен на тестот, како и двајца ракометари од редовите на Радовиш. Двата клуба се натпреваруваат во групата А на Суперлигата, заедно со Охрид, Астраион, Јуниор Кисела Вода, Струга и со Пролет. Во групата Б, која продолжува со сезоната, играат Металург, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Прилеп, Бутел, Младост и Работнички.
Според изјавите од клубот, кај дел од играчите на КЛ 7 по одигрувањето на мечот од 2-то коло со Радовиш во понеделникот се појавиле симптоми карактеристични за коронавирусот (покачена температура, губење чувство на вкус и на мирис), по што веднаш било извршено тестирање врз целата екипа и кај стручниот штаб, по што биле откриени 16 позитивни случаи на коронавирусот. Клубот преку соопштение до јавноста информира за настанот по што целокупниот тим е ставен во самоизолација. По ова од РК Радовиш соопштија дека и тие направиле тестирање, по што има два позитивни случаја без симптоми.

На новонастанатата ситуација веднаш реагираше и Ракометната федерација на Македонија, која според претходно донесениот здравствен протокол за тренирање и одигрување натпревари, објавен пред сезоната, донесе одлука на 15 дена да се суспендираат натпреварите од групата А на Суперлигата.
– Никој не посакуваше и не очекуваше да се случи ваква ситуација. Ние при изготвувањето на протоколот за тренинг и за натпревари разгледувавме и случување на непријатни моменти, како овој сега, и во согласност со тоа следува и суспендирање на натпреварите во групата А на две недели. Сега сите ќе го постават прашањето што ако се повтори ваков случај и како понатаму? Искрено се надевам дека нема да имаме нови случаи во иднина, а ако има ќе дејствуваме како што ќе наложува моментната ситуација – изјави координаторот за натпреварување Славе Николов.
Уште пред почетокот на новата сезона, РФМ беше свесна за сериозноста на ситуацијата од одржување тренинзи и одигрување натпревари во време на пандемијата на коронавирусот, па во согласност со тоа донесе здравствен протокол по кој треба да се раководат сите инволвирани во натпреварувањата под нејзина капа.

Паралелно со тоа, РФМ ја презеде обврската за покривање на трошоците за тестирањата на коронавирус пред секој меч на секој од клубовите, а исто така и го забрза календарот на натпреварување, како една од мерките на претпазливост, доколку се случи ваква критична ситуација (да има доволно термини за одигрување одложени мечеви). Со забрзаниот календар и по двонеделната пауза во групата А, натпреварувањата би завршиле до крајот на календарската година, како и што беше претходно планирано, без забрзаното темпо.

Меѓу мерките на претпазливост пред натпревар (според протоколот објавен на интернет-страницата на РФМ) се и, на пример, препораката да се користат автобуси/комбиња (минимум дистанца од 1,5 метар) што ќе бидат соодветно дезинфицирани пред влегувањето, индивидуални пристигнувања на играчите со автомобил треба да се земат предвид, односно играчите да можат да ги користат своите автомобили индивидуално, задолжително носење заштитни маски за време на патувањето, да нема совпаѓање на времето и местото на пристигнување на двата тима во салата, секој да носи шише со вода за да се избегне допирање на чешмата, да се користат соседни слободни простории како соблекувални, доколку е возможно (мора да има минимум 1,5 метар дистанца), времето поминато во соблекувалните мора да биде ограничено на минимум (30-40 минути за индивидуални играчи), за време на влегување и излегување на теренот играчите мора да одржуваат правилото за минимално растојание (за време на загревање, натпревар, полувреме и по меч), поголеми влезни зони за влез на терен треба да се земат предвид, не смее да има придружба од деца, неопходно е да се применуваат и други лични превентивни мерки за да се спречи ширењето на инфекцијата итн.

Постојат посебни препораки за тренинзи, за по мечевите, за ракометните сали… РФМ во документот наведува дека протоколот може да се дополнува и надградува во зависност од процената од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

[email protected]