Покрај физичкиот, многу е важен и менталниот тренинг

114

За да се надмине психолошката криза од изолираноста и отсуството на секојдневните активности и навики, спортистите треба да направат еден вид рестарт и да се приспособат на новонастанатата ситуација. На тој начин спортистот ќе стекне внатрешна контрола и ќе се адаптира кон новите услови, користејќи ги сите можни механизми за одржување на физичкиот статус. Добро структуриран ден и добро испланирана активност го одржуваат и го зајакнуваат менталниот статус на спортистот, рече Миркуловска

МАРИЈА МИРКУЛОВСКА, ПСИХОЛОГ КОНСУЛТАНТ НА МЕТАЛУРГ, ЗА ВЛИЈАНИЕТО НА ИЗОЛАЦИЈАТА ВРЗ СПОРТИСТИТЕ

Изминативе недели, со појавата на коронавирусот и во Европа, се запре нормалното функционирање во сите сфери на живеењето, а пандемијата силно негативно влијание направи и врз спортот и врз спортистите. За влијанието на изолацијата врз спортистите и што се добива со работа во домашни услови разговаравме со психологот консултант на ракометниот клуб Металург, Марија Миркуловска.
– Изолацијата и задолжителниот карантин, што дојдоа како една од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, најмногу ги погодија професионалните спортисти, кои од секојдневна физичка активност и тренинг беа принудени да се затворат дома, да се реорганизираат и во импровизирани услови да продолжат да ја одржуваат својата физичка подготвеност, за што полесно да се вратат на терен кога ќе заврши вонредната ситуација. Меѓутоа, покрај физичкиот тренинг, во овие моменти на изолација за спортистите многу е важен и менталниот тренинг. Во овој период најважно е спортистите да сфатат дека карантинот не е казнена мерка, туку е начин на живот во вонредни услови, кои не сме во можност да ги контролираме. Тогаш треба да се ресетираат умот и начинот на живот, помудро да се размислува и посвесно да се носат одлуките што може да имаат влијание во иднина. Затоа, со реактивирање на умот и со приспособување на новонастанатата ситуација, тие ќе можат да бидат психички силни во овие моменти на домашна изолација – рече Миркуловска.

Марија Миркуловска

За надминување на евентуалните психолошки манифестации што може да се јават како последица на моментната изолираност поради пандемијата на коронавирусот, Миркуловска смета дека спортистите треба да размислуваат позитивно и да ја визуализираат секоја своја активност, притоа вклучувајќи ги сите свои знаења и квалитети.
– Со оглед на тоа што сите професионални спортисти пред почетокот на сезоната си поставуваат цели, имаат планови и предвидени активности, а пандемијата ги стави на стендбај, без прецизни датуми за враќање во нивниот нормален начин на тренинг, функционирање и продолжување на натпреварувањата, најподложна на промени е мотивацијата. Падот на мотивацијата може да има психолошки манифестации, како стрес, напнатост, анксиозност, чувство на лична нереализација, страв и немир, кои, пак, може да бидат проследени и со телесни симптоми.

За да се надмине психолошката криза од изолираноста и отсуството на секојдневните активности и навики, спортистите треба да направат еден вид рестарт и да се приспособат на новонастанатата ситуација. На тој начин спортистот ќе стекне внатрешна контрола и ќе се адаптира кон новите услови, користејќи ги сите можни механизми за одржување на физичкиот статус. Добро структуриран ден и добро испланирана активност го одржуваат и го зајакнуваат менталниот статус на спортистот. Ова е одличен период да се размислува за начините со кои би ги подобриле своите перформанси кога ќе се врати во нормала целата ситуација. Да гледаат свои видеоснимки, да анализираат, да гледаат видеа на подобрите и поискусните од себе и да го искористат тоа за подобрување на својата позиција – вели Миркуловска.

Миркуловска, исто така, вели дека во овој период многу е важно да се одржуваат контактите со околината, преку телефон, имејл и социјалните мрежи, а притоа да се практикува здрав начин на живот, со здрава исхрана, редовно спиење и селектирање на количеството информации што се пласираат секојдневно на социјалните мрежи за актуелната состојба со коронавирусот, кои дополнително внесуваат доза вознемиреност.

[email protected]