Осум екипи се со максимален ефект по две кола во ЛШ

162

По две победи сезонава забележаа Вардар, двете дански екипи Алборг и ГОГ, како и ПСЖ, Фленсбург, Савехов, Спортинг и Бидасоа

Едно променливо и едно доминантно полувреме ја обележи играта на Вардар во 2. коло од ракометната Лига на шампионите (ЛШ), во кое победи со 32-27 (14-16) против португалскиот првак Порто. Со оваа победа Вардар е дел од друштвото со седум други екипи што имаат максимален ефект по двете кола сезонава (Алборг, ГОГ, ПСЖ, Фленсбург, Савехов, Спортинг и Бидасоа).

Лесна победа забележаа и ракометарите на полскиот првак Киелце во мечот со украинскиот шампион Мотор. Победникот беше познат уште по првото полувреме, кое заврши со 22-11. Две победи во низа врзаа и данскиот првак Алборг и вицепрвакот на таа земја ГОГ. Алборг славеше со изненадувачки висока победа над хрватскиот првак Загреб со 30-20, а ГОГ победи во дуелот со рускиот првак Чеховски медведи (38-31).

Норвешкото лево крило од Алборг, Себастијан Бартхолд, ја одигра најефикасната партија во досегашниот тек од натпреварувањето, постигнувајќи 12 гола. Покрај него, во тимот на второто коло во изборот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) се и левиот бек на Еурофарм Работник, Ловро Јотиќ, организаторот на играта на ПСЖ, Никола Карабатиќ, десниот бек на Кил, Харалд Раинкинд, десното крило на Вардар, Иван Чупиќ, пикерот на Кил, Хенрик Пекелер, и голманот на Бидасоа, Хуан Ледо Мендез. Во споредба со идеалната постава од првото коло, која постигна 47 гола, тимот на второто коло ја зголеми границата на 50 погодоци.

Со само еден ден пауза, вардарци утре (20.45 ч.- пренос на МТВ) ги чека нов дуел, овој пат од 3. коло од Регионалната лига, во кој противник ќе им биде хрватскиот вицепрвак Нексе. Во претходните две кола Вардар забележа една победа над Пекинг (37-23) и еден пораз од Мотор (32-31), а Нексе има два пораза, од Војводина (23-29) и од Татран (24-25).