Одличен меч на Металург за прва победа сезонава

217
Анте Токиќ со девет гола беше најефикасен кај Металург Фото: Маја Јаневска-Илиева

Работиме напорно и добро. Се надевам дека со оваа победа го направиме тој чекор што ни недостигаше за добра игра и во второто полувреме и добро би било ако направиме континуитет. Секој натпревар е искуство повеќе. Им честитам на момците за максимално борбената игра во текот на целиот меч, изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург, по првата победа сезонава, над Татран со 30-28

Со одличната игра и победата над Татран Прешов со 30-28 (15-11) во мечот од 7-то коло на Регионалната лига, ракометарите на Металург ја прекинаа серијата порази и првпат сезонава се израдуваа на триумф. Халил Јагањац, за кого ова беше последен меч во дресот на Металург (заминува во хрватскиот Нексе), беше лидер и двигател на играта на металурзите, кои овој пат во текот на целиот натпревар играа на високо ниво.

– Знаевме дека Татран има проблеми со ротацијата и одлично го искористиме тоа. Им честитам на момците за максимално борбената игра во текот на целиот меч, а посебна благодарност до Јагањац, кој со својата игра и пристапот на терен покажа дека е вистински професионалец. Иако ова беше негов последен меч во дресот на Металург тој воопшто не се штедеше, напротив беше основен двигател и во одбраната и во нападот. Му благодарам за краткото дружење и му посакувам сѐ најдобро. Очекувам да стане еден од најдобрите играчи во светот – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Во следните седум дена на ракометарите на Металург им претстои клупска пауза поради активностите на репрезентативен план, односно неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), за одигрување на квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство во 2020 година, така што во следните седум дена металурзите ќе можат да се уигруваат со замената за Јагањац на левата бековска позиција, Словенецот Александар Шпенде.

– Досегашните резултати не се мерило за нашиот квалитет, бидејќи навистина работиме напорно и добро. Се надевам дека со оваа победа го направиме тој чекор што ни недостигаше за добра игра и во второто полувреме, и добро би било ако направиме континуитет. На местото на Јагањац доаѓа нов играч со кој треба одново да се уигруваме. Важно е што во досегашните мечеви покажавме дека можеме да се носиме со секој противник. Секој натпревар е искуство повеќе, а тоа искуство ни помогна да одиграме на високо ниво до крајот на средбата и да ја забележиме првата победа – рече Брестовац.

Најефикасен ракометар во победата на Металург беше десното крило Анте Токиќ со девет гола, а шест реализации запиша Халил Јагањац, сите во второто полувреме. Одлична партија на голот на Металург имаше голманот Мартин Томовски, кој забележа 10 интервенции.

Следниот дуел на Металург во рамките на Регионалната лига е на 7 ноември, кога во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе го пречека составот на романскиот дебитант Стеауа, кој во досегашниот тек на натпреварувањето забележа по три победи и порази и со девет бода е на шестата позиција на табелата.


Јагањац замина во Нексе

За хрватскиот ракометен репрезентативец, левиот бек Халил Јагањац, мечот од 7-то коло од Регионалната лига (РЛ) со Татран беше последен во дресот на Металург. По една сезона и два месеца помината во Металург, Јагањац од денес е дел од амбициозниот хрватски вицепрвак Нексе од Нашице, кој сезонава зад себе има одлични игри во регионалната лига и е дел од водечката тројка на табелата заедно со Вардар и Загреб со по 15 бода.

Јагањац во Металург дојде минатата сезона од втората екипа на ПСЖ и за кратко време се наметна како лидер во нападот на Металург. Со 100 постигнати голови во минатата сезона Јагањац беше најдобар стрелец во Регионалната лига и еден од најдобрите стрелци во групната фаза на Лигата на шампионите. И во досегашниот тек од сезоната Јагањац е најефикасен ракометар на Металург, со 32 гола во ЛШ и 29 во РЛ. Со своите физички предиспозиции Јагањац важи за еден од најперспективните млади ракометари на светот кому му предвидуваат успешна ракометна кариера.
Пред почетокот на мечот со Татран од в.д. претседателката на клубот, Зорица Блажевска, и од тренерот Данило Брестовац Јагањац доби специјален дрес за благодарност и скромен подарок. Та.Д.


Македонија тргнува кон шестото ЕП

Денеска селекторот на машката ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, ќе ги собере македонските репрезентативци на подготовки за претстојните квалификациски натпревари за пласман на ЕП 2020 во Норвешка, Шведска и во Австрија. Селекторот на располагање ќе има 20 ракометари, со кои ќе атакува на сигурни победи во двата квалификациски дуела, со Турција (четврток, во Битола) и со Грција (недела, на гости). Во овој квалификациски циклус Гонзалес влегува со проверени сили, со исклучок на поштедениот Филип Миркуловски. Во групата 3 е и селекцијата на Исланд. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобро пласирани селекции во групите, како и најдобрите четири од третопласираните. Македонија досега има пет настапи на ЕП, од тоа четири во низа од 2012 година. Та.Д.


Еурофарм и Металург остануваат лидери

Езерското дерби Охрид – Струга го одбележа 6-то коло во машката ракометна Суперлига. Во преполната сала „Билјанини извори“ во Охрид, во максимално борбен и изедначен натпревар, победата со 26-23 (13-13) им припадна на ракометарите на Охрид, кои по водството на Струга од еден до два гола разлика во поголем дел од натпреварот направија пресврт. Победа забележа и битолски Пелистер во дуелот со Радовиш (40-28). Домашниот терен беше сигурен и за ракометарите на Пролет и на Еурофарм, кои во дуелите со Вардар јуниор, односно со Прилеп славеа лесни и убедливи победи.
Во мечевите од 8-то коло од женската Суперлига ракометарките на Металург дома го претрпеа првиот пораз сезонава, од Куманово со 18-30. Победа забележаа и ракометарките на Гевгелија во дуелот со ЦЕМС, со 31-26, а со поделба на бодовите заврши мечот во Прилеп помеѓу Деспина и Спартак (29-29). Синоќа Стружанка го пречека Овче Поле, а Пелистер му гостуваше на Вардар.
Та.Д.