Вардар ќе го брани европскиот трофеј во Келн

1985

Ракометарите на актуелниот европски првак Вардар по вторпат се пласираа на завршниот фајналфор во Лигата на шампионите (ЛШ), и покрај тоа што загубија од силниот германски претставник и поранешен трикратен европски првак Кил 27-28, во четвртфиналната реванш-средба одиграна попладнево во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Вардарци поради повеќе голови дадени на гости, а при еднаков вкупен резултат (56-56), успеја да го елиминираа бундеслигашот. Како што е познато првиот дуел во Кил заврши со минимална победа на Вардар од 29-28. На тој начин црвено-црните ќе имаат можност да го одбранат ланскиот трофеј во ЛШ, нешто што не му успеало на ниту еден клуб откако се игра фајналфор-завршници во ЛШ.

Првиот дел заврши нерешено 13-13. Кил добро го започна првиот дел поведувајќи со 3-0, но Вардар брзо се консолидира и во 8-та минута преку Вуко Борозан го израмни резултатот, а преку Тимур Дибиров поведе со 4-3. Вардарци најголемата предност од три гола во овој дел ја имааа на трипати (8-5, 9-6, 10-7), но Гермaнците успеваа да возвратат. По двата неискористени седмерци на скопјани, не реализираше Иван Чупиќ, на одмор се отиде без предност за некоја од екипите. Во овој дел одличен на голот на Вардар беше Арпад Штербик со 10 одбрани, додека Борозан беше најефикасен со четири гола, колку што постигна и Миха Зарабец кај Кил.

Второто полувреме одлично го почнаа избраниците на тренерот Раул Гонзалес, постојано одржувајќија предноста од гол-два, додека во 46-та минута беше остварена и наголемата разлика од четири гола (24-20). Но Германците не се предаваа и по неколкуте избрзани грешки во нападот во финишот на средбата, при резултат 27-25 за Вардар, постигнаа три гола во низа и на тој начин поведоа со гол предност, но се беше задоцнето.

Најефикасни кај Вардар беа Борозан и Лука Циндриќ со шест, односно пет гола, а кај гостите Зарабец со пет. Голманот на црвено-црните Арпад Штербик имаше 15 успешни интервенции и беше еден од најзаслужите за победата на вардарци.

На завршниот турнир ќе играат и француски Нант, за кој настапува капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров, како и ланскиот вицешампион Пари Сен Жермен, додека последниот учесник ќе биде познат по натпреварот Монпелје – Фленсбург кој е во тек (прв дуел 28-28).

Фајналфорот во Келн ќе се игра на 26 и на 27 мај.

Г.И.