Ново засилување за Металург, пристигна десниот бек Потиќ

133

Среќен сум што доаѓам во земја што дише за ракометот и во екипа што на ракометната мапа на Европа има оставено длабоки успешни траги, изјави српскиот десен бек Никола Потиќ (26 години, 200 см), нов член на Металург, до сезонава член на германскиот Либек

РАКОМЕТ

Освојувачот на Купот на Македонија, Металург, сериозно продолжува со составување силен тим за новата сезона, за враќање на победничките патеки во ракометна Европа. Така, по левиот бек Момир Рниќ (32 години, 196 см) и црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш (31; 192), десниот бек Никола Потиќ (26 години, 200 см) е третото интернационално име што во новата сезона ќе ги засили редовите на тимот од „Автокоманда“.

– Среќен сум што доаѓам во земја што дише за ракометот и во екипа што на ракометната мапа на Европа има оставено длабоки успешни траги. Металург како клуб позитивно влијаеше на развојот и кариерите на многу ракометари, кои токму од тука станаа ракометни имиња. Благодарен сум што Металург ми дава шанса да се вратам на врвно ниво, по моите две турбулентни сезони. Со ангажманот на Рниќ, Канкараш и одличниот тренерски и играчки кадар со кои располага Металург ова се првите чекори за враќање на Металург на македонскиот ракометен трон – изјави српскиот десен бек.

Потиќ својата ракометна кариера ја почнал во Спортскиот клуб Белград во 2003 година, а од шест години подоцна до 2013 година го имал својот прв професионален ангажман во редовите на Партизан, каде што со 17 години го имал својот прв настап во Лигата на шампионите во сезоната 2011/2012 и имал пет постигнати гола.

Негови следни ангажмани биле во словенечкиот тим Крка од Ново Место, потоа шпанските тимови Хуахферса, Ангел Хименез и Кангас, во сезоната 2018 бил член на хрватскиот првак Загреб, а последната сезона ја помина во редовите на Либек, во втората германска Бундес-лига.
Потиќ бил стандарден репрезентативец на Србија во сите младински категории, а беше дел и од сениорската репрезентација на Србија во квалификациите за СП 2019 година во Данска и во Германија.

[email protected]