Новиот селектор треба да биде максимално посветен на Македонија

171
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од новиот селектор ќе се бара максимална посветеност кон македонската репрезентација, односно тој не треба да има клупски ангажман, како што најави претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, на генералното собрание на македонската куќа на ракометот.

– Моја желба во преговорите за нов селектор е тој да биде професионалец, односно да се фокусира само на репрезентацијата – порача Мукаетов.

Именувањето на наследникот на Раул Гонзалес се очекува до крајот на месецов. На македонската репрезентација и претстојат квалификациски натпревари за Европското првенство в година, против Исланд, закажани за април.

Членот на собранието на РФМ, Марјан Начевски, даде предлог за развој на ракометот на плажа. Тој истакна дека вредно е да се стави акцент на ракометот на плажа, бидејќи овој спорт ќе биде во програмата на Летните олимписки игри во 2024 година. Мукаетов смета дека барањето е позитивно и за него допрва ќе се дискутира.