Металург на 20 јули почнува со подготовките

90

Предвидено е во Автокоманда да работиме до 30 јули, потоа до 11 август подготовките ќе ги продолжиме во Маврово, а оттаму продолжуваме за Струга, каде што на традиционалниот ракометен турнир ќе ја имаме првата контрола на дотогаш сработеното, вели Кастратовиќ, тренерот на Металург

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА

Дваесетти јули е датумот што тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ, го одреди за почеток на подготовките за новата ракометна сезона во која металурзите покрај што ќе бидат дел од домашните натпреварувања, ќе играат и во новоформираната Лига Европа.
– Се надевам дека на 20 јули ќе можеме непречено да ги почнеме подготовките за новата сезона. За првите два дена од подготовките се предвидени тестирања и лекарски прегледи, а потоа постепено почнуваме со стандардните тренинзи за физичка и техничко-тактичка подготовка. Во Автокоманда ќе работиме до 30 јули, а потоа до 11 август подготовките ќе ги продолжиме во Маврово. Оттаму продолжуваме за Струга каде што на традиционалниот ракометен турнир ќе ја имаме првата контрола на дотогаш сработеното во однос на уиграноста и на компактноста на тимот. Прифативме учество на турнирот во Чехов, Русија, од 20 до 24 август, но тој уште е под прашалник поради актуелната состојба со коронавирусот – вели Кастратовиќ.

Во пресрет на новата сезона, Металург ги засили своите редови со српскиот лев бек Момир Рниќ, неговиот сонародник, десниот бек Никола Потиќ, црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш и хрватскиот репрезентативец, десното крило Златко Хорват.
– Нашата сала „Автокоманда“ целосно ја подготвивме за почеток на подготовките за новата натпреварувачка сезона од аспект на хигиено-здравствена заштита на играчите и на стручниот тим, во согласност со актуелната ситуација со коронавирусот. Планот за подготовките го направивме и се надевам дека успешно и непречено ќе го реализираме. Верувам дека ситуацијата со вирусот ќе се стави под контрола и дека сезоната непречено ќе се одвива во сите натпреварувања – вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска, која додаде дека идната недела странските ракометари би требало да пристигнат во Скопје.

Според најавите од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), почетокот на сезоната во домашното првенство би требало да биде во средината на септември. Натпреварите од Лига Европа е предвидено да почнат со квалификациите, што треба да се играат од 29 август до 29 септември (две кола), а групната фаза треба да почне на 10 октомври.