Најмногу селектори има од земјата на европскиот првак Шпанија

74

Каденас ја предводи селекцијата на Аргентина, Парондо е на чело на репрезентацијата на Египет, Родригез е на клупата на Унгарија, Ривера на Катар, Гаралда е селектор на Чиле, а Рибера е кормилар на шпанската селекција

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Светското првенство во Египет ќе биде ракометен мегдан на 33 стратези (селекцијата на Унгарија има двајца селектори), најмногу ќе има селектори Шпанци, шестмина, а по тројца свои претставници ќе имаат Исланд и Португалија.
Маноло Каденас ќе ја предводи селекцијата на Аргентина, Роберто Гарсија Парондо е на чело на репрезентацијата на Египет, Чема Родригез е на клупата на Унгарија, Валеро Ривера на Катар, Матео Гаралда е селектор на Чиле, а Жорди Рибера е кормилар на шпанската селекција, актуелен европски првак.
Исланѓани ќе ги предводат селекциите на Исланд (Гудмундур Гудмундсон), Јапонија (Дагур Сигурдсон) и на Германија (Алфред Гисласон). Португалци ќе има на клупите на Ангола (Филипе Круз), Зелено’ртските Острови (Хозе Томас) и на Португалија (Пауло Переира)…

Дури 81 отсто од селекторите на СП 2021 се од Европа (27), домашни селектори имаат 59 проценти од репрезентациите (19), а 41 отсто од селекциите ќе бидат предводени од странски селектори (13).
За разлика од Европското првенство во 2020 година, кога 80 отсто од селекциите беа предводени од релативно млади селектори (до 45 години), на претстојното СП репрезентациите ќе имаат малку поискусни стручњаци (просечна возраст 53 години).
Селекцијата на Полска, како и на Европското првенство во 2020 година, така и на СП 2021, ќе биде предводена од најмладиот, 37-годишниот Патрик Ромбел.
Во помладата група ракометни селектори на Мундијалот во Египет се и кормиларите на Египет (Роберто Гарсија Парондо, 41), Унгарија (Чема Родригез, 41) и на Австрија (Алеш Пајовиќ, 42).


ДЕНЕСКА НА СП 2021

ГРУПА А
Германија – Уругвај 18 ч.
Унгарија – Зелено’ртски О. 20.30 ч.
ГРУПА Б
Шпанија – Бразил 18 ч.
Тунис – Полска 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Катар – Ангола 15.30 ч.
Хрватска – Јапонија 18 ч.
ГРУПА Д
Аргентина – Конго 18 ч.
Данска – Бахреин 20.30 ч.