Монпелје е првата пречка на патот на Вардар во одбрана на титулата

1133

Монпелје ќе биде противник на актуелниот европски првак Вардар во полуфиналето од фајналфор турнирот во Лигата на шампиони во Келн.

Поранешниот европски шампион Монпелје, кој до Келн стигна од второрангираните Ц и Д групи во ЛШ, зад себе има одлична сезона во која најпрво во осминафиналето успеа да го елиминира шпанскиот гигант Барселона, а во четвртфиналето беше подобар од Флензбург.

Вардар и Монпелје последен пат се сретнаа во групната фаза во сезоната 2014/2015 во која „црвено-црните” на гости извлекоа реми 34-34, додека пред домашната публика славеа победа со 30-26.

Во втората полуфинална двојка ќе се соочат ланскиот финалист ПСЖ и дебитантот во завршниците на ЛШ Нант на Кирил Лазаров.

Полуфиналните дуели Монпелје – Вардар и Нант – ПСЖ ќе се играат на 26 мај во 15.15 часот и од 18 часот. Победниците ќе се сретнат во финалето кое ќе се игра следниот ден на 27 мај.