Монпелје е најслабиот бранител на титулата?

107
Монпелје со трофејот од лани

Актуелниот европски првак е најрано елиминиран, веќе по групната фаза, во споредба со сите претходни прваци откако ЛШ се игра со фајналфор. Како бранители на титулата најдалеку стигнале Вардар и Кил, до полуфинале

Десетта година по ред Европа ќе добие нов клупски првак во ракомет. Оваа низа ја продолжи актуелниот европски шампион Монпелје, кој е елиминиран веќе по групната фаза сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ). Во споредба со претходните континентални клупски владетели Монпелје е единствената екипа, која откако е воведена завршница на ЛШ со фајналфор не успеала да ја помине групната фаза.

Од другите европски прваци Хамбург (титулата ја бранеше во сезоната 2013/2014), Фленсбург (2014/2015) и Киелце (2016/2017) беа елиминирани во осминафиналињата.

Кил (2010/2011) и во два наврата Барселона (2011/2012 и 2015/2016) беа сопрени во четвртфиналињата, а Вардар (2017/2018) и Кил (2012/2013) своите трки за нова титула во сезоната кога ја бранеше ги заврши во полуфиналните дуели (и двата тима ги освоија четвртите места во тие сезони), што е најголем успех на бранител на трофеј во следната сезона во Лигата на шампионите.

Од учесниците на двата претходни фајналфора во трка за нов таков успех се Вардар, Нант, ПСЖ, Веспрем и Барселона.