Митревски: Романците работат во сенка, мора да одиграме максимално

126

Не се селекција од која треба да стравуваме, но не треба да се потцени. Имаат добри ракометари што играат во Германија, Франција, но и млади квалитетни играчи во домашните клубови, вели репрезентативниот голман Митревски

Македонската машка ракометна репрезентација во некомплетен состав, изминативе неколку дена се подготвува за бараж-дуелите со соодветната селекција на Романија за пласман на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска 2019 година. Официјалниот почеток на подготовките, репрезентативците ќе го имаат в понеделник.
Во досегашната репрезентативна историја, Македонија нема одиграно официјален меч со Романија, но затоа, пак, дури четворица македонски репрезентативци настапуваат во романски тимови во тамошното првенство. Тоа се голманот Никола Митревски, левиот бек Велко Марковски (двајцата во Констанца), десното крило Гоце Георгиевски (Букурешт) и голманот Златко Даскалоски (Темишвар). Романско искуство во клупските кариери уште имаат, левото крило Гоце Ојлески, левиот бек Филип Лазаров и пикерот Стојанче Стоилов.

– Романците се таинствени, работат во сенка. Во романските медиуми нема никакви најави ниту пак, некакви изјави за големи очекувања пред дуелот со нас. За време на неделата на ЕХФ, тие играа помеѓу себе, без контролна средба против друга селекција. За разлика од нас, нивните собири поминуваат без медиумско внимание. Можеби тоа им е дел од тактиката, да ги намалат очекувањата на јавноста, но да дојдат со намера да изненадат. Не се селекција од која треба да стравуваме, но не треба ни да се потцени. Имаат добри ракометари што играат во Германија, Франција, но и млади квалитетни играчи, кои настапуваат во домашните клубови. Најсилен адут им е шпанскиот селектор Чави Пасквал, кој е предводник на шпанскиот гигант Барселона – вели голманот Никола Митрески.

Репрезентацијата на Романија не беше дел од континенталниот собир во Хрватска, по неуспешните квалификации и освоеното трето место во групата два. Од СП, Романија има четири златни (1961, 1964, 1970, 1974) и две бронзи (1967, 1990), но во последните 20 години, таа само двапати била дел од завршница на СП и тоа во 2009 (15-то место) и 2011 (11-то место).
Во отсуство на најдобриот романски ракометар, централниот бек Александре Шимику, на листата повредени, е и вториот избор на Паскал, центарот на Темишвар, Кристијан Фенич, кој пред еден месец заработи повреда на мускулот и голема е веројатноста дека нема да игра против Македонија. Во нивно отсуство, главен разигрувач во бековската линија е Александру Чепреги.

– Ако одиграме како што знаеме, не би требало да имаме проблеми во баражот. Во однос на Романија имаме поголемо искуство и континуитет во настапите на големите натпреварувања. Но, во никој случај не смееме да се залажуваме дека сме големи фаворити, а без да го дадеме максимум во двата бараж-дуела. Мора да одиграме на највисоко ниво, со максимална концентрација и залагање – нагласува Митревски.
Првиот бараж-дуел се игра на 10 јуни во СП „Борис Трајковски“ во Скопје, додека реваншот е на 13 јуни во Клуж, Романија.