Мисијата на Металург е гол за македонскиот ракомет

423
Фото: Дарко Андоновски

Металург продолжува по цврсто утврдената патека, подготвен да понуди и повеќе од максимум за одржливост, развој и подем на македонскиот ракомет

Со победата над Вардар со 32-29 (16-15), во последното коло од плејофот, завчера заврши сезоната за ракометарите на Металург. Тие годинава не успеаја да ја зачуваат вицешампионската титула, но покажаа силен карактер, висока борбеност и голема истрајност во најтешките моменти сезонава, а како награда за нивната работа, посветеност и лојалност кон клупските бои дојде освојувањето на трофејот во Купот на Македонија, кој по шетгодишна пауза се врати во витрините во „Автокоманда“.
Тоа што не може да се постигне со работа, сигурно може да се постигне со многу повеќе работа. Тоа е мотото по кое сезонава се водеа младите металурзи и стручниот штаб на тимот.

– Задоволен сум од одиграното и од залагањето на екипата сѐ до последниот меч сезонава. Играчите максимално коректно и професионално ги одработија секој тренинг и секој натпревар. Имавме многубројни партии во кои покажавме одлична и тимска игра, а својот најдобар меч момците го одиграа во финалето од Купот на Македонија, кога сите до еден го дадоа најдоброто од себе и заслужено стигнаа до трофејот – рече Оливер Димитриоски, тренерот на Металург, по завршувањето на сезонава.

Металург сезонава ја имаше најмладата екипа во историјата на Лигата на шампионите и во Регионалната лига. Иако не постигна забележителен резултат во конечниот пласман, прикажа игра со која младите металурзи во ниту еден меч не беа надиграни од далеку поискусните и поквалитетни противници од себе.

Со доаѓањето на тренерот Данило Брестовац во почетокот на сезоната, управата на Металург почна нов создавачи проект како дополнување на досегашната развојна стратегија за создавање сопствена база од млади и квалитетни ракометари, а според плановите, вистинските резултати се очекуваат за три сезони.

Повеќе години Металург во Европа е препознатлив како ракометен расадник што гради сигурна иднина за себе, за својот клуб, но и за македонскиот ракомет воопшто.

Неоспорен факт е дека Металург продуцира квалитетни ракометари, кои се дел од сите старосни генерации во националниот тим. Факт е дека и секоја сезона токму тие млади металурзи се на посакуваната листа на големите европски ракометни гиганти. Но, од друга страна, и ноторна вистина е дека Металург е посакувана дестинација и за млади ракометари од Европа и од светот, бидејќи знаат дека очите на ракометната јавност секогаш се свртени кон македонскиот ракометен расадник од Автокоманда, кој е лансирна рампа кон светското ракометно небо.

Во Металург знаат дека ракометот е еден од најдобрите начини да се дојде до здрави деца, кои се нашата иднина. Ракометот е средство за развој на духот и за социјализација на младите, а најголемата поддршка на Металург во реализацијата на развојните стратегии доаѓа од неговиот сопственик Минчо Јорданов, кој има неверојатно чувство за општествено одговорно работење, во интерес на пошироката заедница и долгорочните бенефиции за младите, но и за државата.

За некои беше изненадување тоа што Металург го освои Купот на Македонија, но за тие што ја следат посветеноста со која со години се работи во Металург, тоа беше само уште една добро завршена работа. Она што уште помалку треба да биде изненадување се наредните краткорочно утврдени цели на Металург, во согласност со стратегискиот тригодишен план за развој. За наредната сезона се планирани низа активности на зајакнување на структурата на клубот и ракометната академија: од кадровско екипирање, преку трансфер на знаење и искуства, до целосна финансиска консолидација.

Металург продолжува по цврсто утврдената патека, подготвен да понуди и повеќе од максимум за одржливост, развој и подем на македонскиот ракомет.

[email protected]