Данецот Микел Хансен вторпат е најдобар ракометар на светот во традиционалниот избор на ракометниот портал „Планет хендбал“. Првото вакво признание тој го доби во 2016 година.

Брилијантниот лев бек на Пари Сен Жермен (ПСЖ) и најкорисен играч (МВП) на Светското првенство (СП) во 2019 година во Германија и Данска, на кое го освои златниот медал, доби најмногу гласови од жирито, составено од ракометни новинари од 20 земји, и најмногу гласови од следбениците на интернет-страницата на порталот. Во годинешното гласање учествувале над 70.000 вљубеници во ракометот.
Зад Хансен, според бројот на гласовите, се неговите сонародници Никлас Ландин и Расмус Лауге.

Победници во овој респектабилен избор претходно биле Унгарецот Ласло Наѓ (2011), Чехот Филип Јиха (2012), Хрватот Домагој Дувњак (2013), Французинот Никола Карабатиќ (2014 и 2015), Шпанецот Арпад Штербик (2017) и Норвежанецот Сандер Сагосен (2018).