Металурзите испуштија две победи

109

Отсуството на концентрација и слабата реализација во завршните минути од натпреварите беа причина за двата пораза на Металург

Дуелот со српски Партизан беше последната шанса за ракометарите на Металург да забележат победа на вториот пријателски меѓународен турнир Кањижа-куп во Србија.

Избраниците на тренерот Дамир Стојановиќ претходно претрпеа два минимални пораза во дуелите со израелскиот Рамат Хашарон (30-32) и со хрватскиот вицепрвак Нексе (27-29). Отсуството на концентрација и слабата реализација во завршните минути беа причина за двата пораза.

Против Израелците маталурзите се вратија во игра по негативата од шест гола, но не ги искористија двата последни напада. Против хрватскиот вицепрвак Нексе, без двајцата голмани, Даниел Дупјачанец (се повреди во првиот меч) и Даниел Ѓорѓески (стомачен вирус), одржуваа предност до завршните минути, но попуштија кога беше најпотребно. Голот на Металург го чуваше младиот, 17-годишен Предраг Мијатовиќ, кој имаше девет успешни интервенции.

Најефикасен кај Металург беше левиот бек Маријан Мариќ, кој постигна по седум гола на двата меча, а солидна поддршка имаше од десното крило Мице Шилегов, кој постигна 11 гола.

Поради повреди, дел од екипата на Металург на турнирот во Кањижа не беа десното крило Равез Чантурија и левиот бек Марио Танкоски. 


Еурофарм загуби во финалето на турнирот во Добој

Ракометарите на Еурофарм Работник пропуштија голема шанса да триумфираат на 51-то издание на ТВ-турнирот на шампионите во Добој. Избраниците на тренерот Стефче Алушовски прокоцкаа победа во регуларниот тек од финалниот меч со француски Шарт, а по изведување на седмерците мечот го загубија со 25-26. Во регуларниот тек натпреварот заврши со 22-22 (11-10).
Хрватскиот интернационалец кај Еурофарм, централниот бек Ловро Јотиќ беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на турнирот, додека, пак, во идеалната постава имаше место и за десниот бек на фармацевтите Невен Стјепановиќ.