Металурзите го загубија дуелот со Тулуз

90

Ракометарите на Металург со пораз го започнаа настапот во новоформираната Лига на Европа. Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ не одиграа според договорениот план и загубија на гостувањето кај Тулуз со 33-29 (18-15).

Слабата одбрана, големиот број на технички грешки и лесните голови на противникот беа причините за поразот на Металург, кој одлично го почна натпреварот и резултатски парираше во првата четвртина од мечот. Но потоа настапи пад во играта на Металург кој француските ракометари го искористија на најдобар можен начин да создадат сигурна предност.

Слично беше и во второто полувреме, во кое Металург успеа да ја намали предноста на противникот на минус два, а потоа повторно промашувања и загубени топки за предност на Тулуз од пет гола (28-23), кој французите успешно ја зачуваа до самиот крај за конечни 33-29.

Најефикасен во редовите на Металург беше левото крило Милан Поповиќ со девет гола, Момир Рниќ реализираше седум пати а пет гола додаде Марко Тарабокија. Најзаслужен за победата на Тулуз е белгискиот чувар на мрежата, Џеф Летен, кој собра 12 интервенции, додека пак најефикасни во нападот беа норвешкиот пикер Хенрик Јакобсен со девет и левиот бек Бен Халима со седум.

Во следниот меч од 2.коло (27 октомври) од Лигата на Европа, Металург на домашен терен ќе го пречека полскиот вицепрвак Висла Плок.