Металург ќе одигра четири силни тест-меча во Франција

48

Победникот на Купот на Македонија во Клермон Феран прво ќе игра со француските прволигаши Ним и Кретеј, а потоа ќе настапи на турнир во Монлисон, заедно со португалскиот Спортинг и француските Саран и Данкерк

Со почетокот на Европското првенство почна и зимската подготвителна турнеја на ракометарите на Металург, кои репрезентативната пауза ќе ја искористат работно. Избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ од денеска, па во следните десетина дена, ќе престојуваат во Франција, каде што е предвидено да одиграат четири пријателски натпревари, а во меѓувреме ќе имаат и корективни тренинзи.

Прва станица за победникот на Купот на Македонија ќе биде францускиот град Клермон Феран, каде што во првиот дуел противник ќе му биде прволигашот Ним (третопласиран сезонава), а во вторник е дуелот со прволигашот Кретеј. Централниот настан на француската турнеја на Металург ќе биде учество на турнирот во Монлисон, каде што противник во првиот полуфинален дуел ќе му биде една од екипите на Спортинг (Португалија), учесник во Лигата на шампионите, Саран или на Данкерк (двата од Франција).

– Натпреварите во Франција ќе бидат одлична подготовка за она што нѐ очекува во продолжението од сезоната. На оваа турнеја ќе бидеме во некомплетен состав поради репрезентативните обврски на дел од нашите ракометари и поради повреди. Нивното место ќе го дополниме со играчи од младинските состави, за кои ова ќе биде одлична можност за стекнување меѓународно искуство во натпревари со исклучително квалитетни противници – вели Кастратовиќ.

Во јануари минатата година Металург на силниот меѓународен турнир во Гренобл (Франција) во финалето беше подобар од шпанскиот состав Бидасоа Ирун (32-31, сезонава тимот е прв во групата Ц од Лигата на шампионите) и го освои првото место.