Металург со три победи пред првиот дуел со Кринс

130

Ракометарите на Металург ја запишаа третата победа во домашното првенство, овој пат над Тиквеш. Првиот меч помеѓу Металург и Кринс Луцерн за пласман во Лигата на Европа е закажан за вторник (од 20.45 часот), во Скопје

Металург забележа три првенствени победи во пресрет на првиот од двата дуела за пласман во групната фаза од ракометната Лига на Европа, во вторник, во Скопје, со швајцарскиот Кринс Луцерн, кој, како и Металург, во новата сезона од домашното првенство досега одигра три меча. Металург во македонската Суперлига забележа три победи, а швајцарскиот состав има скор од две победи и едно реми во првенството на таа земја. Составот на тренерот Горан Перковац забележа и победа во осминафиналето на Купот на Швајцарија.

Ракометарите на Металург ја запишаа третата победа во домашното првенство, овој пат над Тиквеш, со 36-24 (21-13), во меч од шестото коло на Суперлигата одигран порано (беше закажан за крајот на септември), поради меѓународните обврски на Металург. Првата постава на Металург, предводена од засилувањата Момир Рниќ и Никола Потиќ, на терен беше само 15 минути, а потоа на сцена стапија младите сили на Металург, предводени од десното крило Мице Шилегов (девет гола).

Златко Хорват овој пат во игра влегуваше само за изведување на седмерците. Кадетите во составот на Металург, Стефан Додиќ, Дарко Кондев (по четири гола), Теодор Тодески, Дарио Кофиловски (по три), Михајло Младеновиќ, Андреј Митиќ и Александар Петковски (по еден гол), максимално ја искористија добиената шанса од тренерот Зоран Кастратовиќ.
Првиот меч Металург – Кринс Луцерн е закажан за вторник (од 20.45 часот), во Скопје, а реваншот е предвиден за 29 септември, во Швајцарија.