Металург со гостинска победа над Пелистер

95
Фото: Димитар Петковски

Во седмото коло на машката ракометна Суперлига, Металург извојува рутинска гостинска победа против Пелистер. Победи со резултат 24:27 (11:15), во натпревар во кој победата на Металург во ниту еден момент не беше доведена во прашање.

Металург добро го почна натпреварот и веќе во 13 минута имаше сигурни +5, 3:8. Пелистер се бореше во границите на своите можности, но не успеваше посериозно да го загрози Металург. Всушност, домашниот тим искористи две минути на деконцентрација на Металург и со серија од 3:0 успеа да намали на 10:12, но тоа траеше многу кратко, па Металург до крајот на првиот дел се врати на предност од 4 гола, 11:15.

Добро го одигра и почетокот на второто полувреме, во кое за првите осум минути направи серија од 5:1, за највисоки +8, 12:20. Веќе тука беше јасен победникот на средбата, па остатокот од времето Металург го одигра рутински и вложи онолку сили колку што е потребно за победата. Пелистер ги искористи своите шанси и до крајот на натпреварот успеа да стигне до поднослив пораз, 24:27.

Металург на оваа средба настапи без Даниел Дупјачанец, Милан Лазаревски, Мартин Серафимов и без Стефан Додиќ.

Овој натпревар е прв во кој Металург го водеше новиот тренер Зоран Кастратовиќ.

Во следното коло во Автокоманда ќе се одигра дерби средбата меѓу Металург и екипата на Охрид.