Металург со ангажманот на Тарабокија го комплетира тимот за новата сезона

180

Централниот бек на репрезентацијата на БиХ, Марко Тарабокија (јуниорски светски вицешампион со Хрватска од 2007 година), е петтото интернационално засилување за Металург за новата сезона, по Момир Рниќ (лев бек, Србија), Никола Потиќ (десен бек, Србија), Бранко Канкараш (пикер, Црна Гора) и Златко Хорват (десно крило, Хрватска)

РАКОМЕТ

Репрезентативецот на БиХ, Марко Тарабокија (31 година, висок 193 см), е петтото интернационално засилување за Металург во пресрет на новата ракометна сезона. Претходно Металург своите редови ги засили со српскиот лев бек Момир Рниќ, неговиот сонародник, десниот бек Никола Потиќ, црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш и хрватскиот репрезентативец, десното крило Златко Хорват.
Со ангажманот на централниот бек Тарабокија, тренерот на Металург Зоран Кастратовиќ ја пополни единствената празнина што ја имаше во тимот, така што сега непречено ќе може да ја надградува играта на металурзите, за подготвени да ги дочекаат предизвиците што им претстојат во Лигата на Европа и во домашните натпреварувања (првенството и во Купот на Македонија).

– Со ангажманот на Тарабокија го комплетиравме тимот за претстојната сезона. Тој е искусен и квалитетен играч, токму тоа што недостигаше за комплетирање на нашата бековска линија во која ги имаме Рниќ лево и Потиќ десно. Верувам дека со нивното богато интернационално искуството и со квалитетот со кој располагаат, сезонава ќе имаме што да кажеме и покажеме во домашното првенство и на европската сцена – вели Кастратовиќ.
Тарабокија зад себе има десетгодишна професионална кариера во која бил дел од хрватскиот првак Загреб (2010/2011), словенечкиот тим Марибор (2011-2013), потоа две сезони играл за полскиот состав Азоти Пулави (2013-2015), а потоа четири сезони помина во дресот на полскиот вицепрвак Висла, со кого двапати стигна до осминафиналето во Лигата на шампионите.

По заминувањето од Висла, краток период беше дел од хрватскиот тим Сесвете, а пред доаѓањето во Металург беше во унгарскиот тим Чургу со кого сезонава настапи во Купот на ЕХФ. Тарабокија е роден во Загреб, а со хрватската јуниорска репрезентација освои сребрен медал на Светското првенство во Бахреин во 2007 година. Од 2015 година е стандарден сениорски репрезентативец на БиХ.
– Среќен сум што станав дел од голем и афирмиран клуб каков што е Металург. Уште од самиот почеток на преговорите верував дека ќе договориме соработка, бидејќи ме привлекоа нивната желба и амбиција за повторно создавање силен и квалитетен тим. Металург сезонава состави многу добра, искусна и квалитетна екипа и верувам дека ќе биде сериозен противник во домашното првенство.

Исто така, верувам дека ќе бидеме дел и од новоформираната Лига на Европа и дека клубот ќе го претставиме во најдобро светло во дуелите со квалитетните европски тимови. Ситуацијата со коронавирусот сите нѐ изненади и нѐ оддалечи од теренот, така што со нетрпение ги очекувам подготовките и почетокот на новата сезона за повторно да се вратиме во колосек. Се надевам дека полека ќе се смири ситуацијата и дека непречено ќе тече новата сезона – изјави Тарабокија.

Металург најави почеток на подготовките на 20 јули. Почетокот на новата сезона во домашното првенство би требало да биде во средината на септември. Ждрепката за Лигата на Европа треба да биде на 28 јули, натпреварите предвидено е да почнат со квалификациите, што треба да се играат од 29 август до 29 септември (две кола), а групната фаза би почнала на 10 октомври.