Металург се пласира во Лигата на Европа по голема борба во Цирих

240

Ракометарите на Металург се пласираа во новоформираната Лига на Европа, добивајќи го двомечот од второто квалификациско коло против швајцарски Кринс Луцерн со вкупен резултат 47-46.

Македонскиот претставник претрпе минимален пораз на вечерашното гостување во Цирих 21-22, но стекна учество во групната фаза на континенталното натпреварување благодарение на победата во Скопје од 26-24 пред седум дена.

Даниел Дупјачанец беше одличен на голот на Металург забележувајќи 13 одбрани. Најефикасен во екипата од Автокоманда беше Бранко Канкараш со пет гола, а го следеа Златко Хорват и Марко Тарабокија со по четири погодоци.

Металург имаше и поддршка од група македонски навивачи кои го бодреа во текот на неизвесниот меч во Цирих.

Металург на 1 октомври ќе ги дознае противниците во групната фаза, во која ќе учествува и Еурофарм Пелистер.