Металург носител во колото пред групната фаза за Купот на ЕХФ

133

За ждрепката за второто коло носители ќе бидат и Бутел и Пелистер, а за третото Металург, кој нема да може да игра со, на пример, Левен, Магдебург, Шамбери, Нант, Силкеборг, Фуксе Берлин, Нексе…

Освојувачот на Купот на Македонија, Металург, во пресрет на ждрепката на двојките доби директно место во 3-то коло од Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), а дебитантот на европската сцена, Бутел, и некогашниот полуфиналист во КПК и финалист во Купот Челинџ, Пелистер, ќе ја имаат улогата на носители во 2-то коло.

Ова е првпат Македонија да има три претставника во Купот на ЕХФ. За металурзите ова ќе биде петти пат да играат во ова натпреварување каде што најголем успех е пласманот во четврт-финалето во сезоната 2007/2008, а Металург има настапи и во осминафиналето во сезоната 2010/2011. За пелистерци ова ќе биде четврто учество во Купот на ЕХФ.

Металург нема да игра против Магдебург (Германија), Левен (Германија), Шамбери (Франција), Мелсунген (Германија), Нант (Франција), Силкеборг (Данска), Либербанк Куенка (Шпанија), Татабања (Унгарија), Гвардиа Ополе (Полска), Фуксе Берлин (Германија), Ним (Франција), Хостелбро (Данска), Ла Риоха (Шпанија), Балатонфуери (Унгарија), Нексе (Хрватска).

Ждрепката за првите две кола ќе се влече на 16 јули, а за третото коло е на 15 октомври. Мечевите од 2-то коло Бутел и Пелистер ќе ги играат на 5/6 и 12/13 октомври, а за Металург почетокот на сезоната во Купот на ЕХФ ќе биде на 16 или на 17 ноември. По третото коло ќе се добијат 16 тима што ќе бидат поделени во четири групи.

Новата сезона од Купот на ЕХФ ќе биде последна за ова натпреварување (следната сезона ќе го носи името Лига Европа и ќе биде спој на групите Ц и Д од Лигата на шампионите со Купот на ЕХФ). За трофејот ќе играат вкупно 64 екипи меѓу кои нема да биде бранителот на титулата Кил, но затоа таму ќе бидат три поранешни освојувачи на Купот на ЕХФ, Магдебург (1998/99, 2000/2001, 2006/2007), Фуксе Берлин (2014/2015, 2017/2018) и Левен (2012/2013).

Иако женската екипа на Металург беше шампион на Македонија, а Куманово освојувач на Купот, во согласност со рејтингот на македонскиот женски клупски ракомет за Купот на ЕХФ, двата клуба ја немаат улогата на фаворити така што годинашната европска сезона ќе ја почнат од 1-то коло.

Меѓу можните противници на двете македонски екипи се Крајова (Романија), Астраханочка (Русија), Безансон (Франција), Баер (Германија), Бјасен (Норвешка), Славија Прага (Чешка), Гомел (Белорусија), Бера Бера (Шпанија), Заглебје (Полска), Брул (Швајцарија), Муратпаша (Турција), Скуру (Шведска), Михаловце (Словачка), Азгерсдорф (Австрија), Азерјол (Азербејџан) и Квинтус (Холандија).