Металург најавува уште еден добар меч и посакува и минимална победа

159
Фото: Дарко Андоновски

В недела Металург го пречекува Мешков, во последниот меч годинава, а тренерот Брестовац верува дека со дисциплинирана, тимска и борбена игра тимот може да стигне до победа со макар еден гол разлика

Неделниот меч од 11-то коло во Регионалната лига (17.30 часот, пренос на МТВ) во спортскиот центар „Јане Сандански“, во кој младиот ракометен тим на Металург ќе го пречека белорускиот првак Мешков, ќе биде последен меч за металурзите на домашен терен во оваа календарска година. Македонскиот првак Вардар, пак, утре (20.15 часот) ќе му гостува на Железничар во Ниш.

– И во мечот со Мешков очекувам добра игра. Верувам дека сето тоа што го работиме на тренинзите, и во нападот и во одбраната и во транзициите со полуконтри и со контри, ќе продолжи да се движи во една нагорна линија. Мешков има голем број квалитетни играчи и убеден сум дека нема да дојдат со слабиот состав, како што правеа во претходните дуели. Факт е дека се во мала резултатска криза, но, сепак, тие се клуб со огромен буџет, кој има 26-27 врвни играчи и кои во секое време можат да одиграат добар натпревар. Веќе почнуваме со анализа на нивната игра и верувам дека со дисциплинирана, тимска и борбена игра можеме да прикажеме уште една добра партија за да стигнеме до победа од макар еден гол разлика – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Поради збиениот натпреварувачки распоред во белорускиот шампионат, во кој избраниците на тренерот Маноло Каденас треба да одиграат три гостински меча во два дена, стратегот на Мешков принудно ја подели екипата на два дела, а притоа се погрижил за рамномерна распределба на силите во двата тима. Тимот што ќе игра во белорускиот шампионат ќе го предводи Каденас, а екипата на Мешков во Скопје ќе биде под водство на неговиот помошник Андреј Мочалов и ќе биде во состав: голмани: Иван Пешиќ и Владимир Корсак; крила: Симон Разгор, Максим Мочалов, Дарко Ѓукиќ и Даниел Вергеичик; бекови: Петар Ѓорѓиќ, Сандро Обрановиќ, Шиме Ивиќ, Валентин Куран, Валентин Силко, и Никита Лошоков; пикери: Вид Потеко, Певел Дорофеев и Михаил Пилук. Во тимот што ќе игра дома за издвојување се голманите Виталиј Чарапенко и Иван Микевиќ, крилата Максим Баранов и Андреј Јуринок, бековите Павел Хорак, Артем Кулак и Сергеј Шиловиќ и пикерот Вјачеслав Шумак.

Во изминатите 10 кола во Регионалната лига белорускиот првак забележа половичен ефект, од по пет победи и порази, и со 15 бода е петти. Незабележителен настап има и во 10-те кола од Лигата на шампионите (ЛШ), каде што бележи ефект од две победи, едно реми и седум порази и се трка за избегнување на последните две позиции во групата А.

Во неделниот тим на Мешков, најефикасен е десното крило Ѓукиќ, кој сезонава има 60 гола (44 во ЛШ и 16 во РЛ), а во чекор го следат бековите Ивиќ со 47 (33/14), Обрановиќ со 34 (25/8) и Ѓорѓиќ со 32 (18/14).
Влезот за мечот в недела е слободен. 


Кадетите ја продолжуваат мисијата СП со силен турнир во Скопје

Во периодот од 18 до 20 декември Ракометната федерација на Македонија (РФМ) во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе биде организатор на силен меѓународен турнир, како дел од подготовките на кадетската селекција од генерацијата 2000 и помлади, која ќе ја претставува Македонија на претстојното Светско првенство во Македонија во август 2019 година. Покрај македонските кадети, дел од турнирот ќе бидат и соодветните селекции на Полска, Унгарија, Србија и на Црна Гора. За да бидат опфатени што повеќе играчи во изборот на селекцијата што ќе ја претставува Македонија на СП 2019, селекторот на кадетската репрезентација Данило Брестовац одлучи овој пат Македонија да биде претставувана со две селекции, А и Б. Турнирот ќе се игра по принципот секој со секого. Та.Д.