Металург и против Татран без сили во финишот

87
Aдријан Миличевиќ (со топка) шутира кон голот на Татран - Фото: Игор Бансколиев

И од овој меч имаме да извлечеме позитивни работи, со кои ќе ја подобриме играта во следните дуели, за да се израдуваме на првата победа во ЛШ, вели тренерот на Металург, Данило Брестовац

Ракометарите на Металург и овој пат немаа сили и концентрација да одиграат добро до крајот на натпреварот, па по лошите 15 минути во завршницата, го прокнижија третиот пораз во Лигата на шампионите (ЛШ), овој пат од словачкиот првак Татран со 24-29 (12-13). Позитивен момент во целата ситуација е тоа што избраниците на тренерот Данило Брестовац го подигнаа нивото на добра игра, така што во три четвртини од мечот резултатски парираа. Најголемиот проблем металурзите го имаа во одбраната, на линијата од шест метри, каде што Татран го имаше расположениот Анте Бабиќ, кој шест пати ја затресе мрежата на Металург.

– Свесни бевме дека ќе се соочиме со цврста екипа, која има долга клупа. Сметам дека одигравме коректно, во рамките на нашите можности. Ме радува тоа што Велковски се враќа во форма, но повторно се покажа дека ни недостига ротација на левата страна, за да можеме да ги одмориме Халил Јагањац и Марио Танкоски. Имавме и добри и лоши моменти, но севкупно гледано не сум разочаран. И од овој меч имаме да извлечеме позитивни работи, со кои ќе ја подобриме играта во следните дуели, за да се израдуваме на првата победа во ЛШ – вели тренерот Брестовац.
За металурзите нема одмор, тие вчера попладне заминаа за Загреб, на меч од 5-то коло во Регионалната лига (РЛ), каде што денеска спроти себе ќе го имаат тимот на својот поранешен тренер, Лино Червар.

– И со Загреб ќе се обидеме да се надигруваме. Имаат поискусна и поквалитетна екипа од нас, но ќе се обидеме нашата игра да ја подигнеме скалило погоре, што би значело резултатско парирање во текот на целиот меч. Ако ни успее тоа, тогаш сме завршиле голема работа – смета Брестовац.

Овој меч ќе биде нивна деветта пресметка во РЛ, од кои пет досега завршиле со победа на Загреб, два добил Металург, а еден меч завршил без победник. Златко Хорват (22 гола), кај Загреб и Халил Јагањац (21), кај Металург, се најефикасните ракометари во двата тима во досегашниот тек на натпреварувањето.
Денеска (17.15 часот пренос на МТВ), меч од 5-то коло во РЛ ќе игра и вториот македонски претставник Вардар, кој во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе го пречека српскиот првак Војводина.


Отказ за Врањеш, трет пораз на Монпелје во ЛШ

Третото коло во Лигата на шампионите (ЛШ) беше кобно за тренерот на Веспрем, Љубомир Врањеш и менаџерот на истиот тим, Никола Еклемовиќ, кои по поразот од Вардар (25-27) на домашен терен, добија отказ од раководството на клубот.

Со одигрувањето на 3-то коло во ЛШ, продолжи црната серија од три последователни порази за пет тима, меѓу кои и актуелниот европски првак, Монпелје. Французите овој пат беа поразени дома од полскиот првак Киелце (26-29). Без победа по три кола се и шведски Кристијанстад, украински Мотор, руски Чеховски медведи и македонскиот вицепрвак Металург.

Македонскиот шампион Вардар, француски ПСЖ, унгарски Сегед, словачки Татран и полски Висла, се петте екипи што имаат максимален ефект од три победи во три натпревари.