Металург испушти победа против Стеауа

94
Одличен на голот на Металург беше искусниот Даниел Дупјачанец со 12 интервенции

Металурзите имаа предност од три гола (26-23) по што следуваше серија неефикасни напади и технички грешки, по кои тимот од „Автокоманда“ ги загуби предноста и победата над Романците, на пријателскиот турнир во Москва

Ракометарите на Металург не успеаја да ја зачуваат предноста од три гола во финишот од натпреварот со Стеауа и со три порази го завршија настапот на силниот пријателски турнир во Москва, Русија.
Првиот меч металурзите го загубија од домаќинот Чеховски медведи со 23-33 (10-13), во вториот меч победа од 38-26 (18-10) славеше белорускиот првак Мешков Брест, а во третиот меч за еден гол поуспешна од Металург беше Стеауа, која дуелот за трето место на турнирот го доби со 28-27 (14-13).
Во првите два меча со рускиот првак Чеховски медведи и Мешков Брест, металурзите парираа само во почетните минути од натпреварите за разлика од последниот меч со Стеауа, кој помина во израмнета борба до самиот крај.

На пет минути до крајот на мечот металурзите имаа предност од три гола (26-23) по што следуваше серија на неефикасни напади и технички грешки, па тимот од „Автокоманда“ ги загуби предноста и победата.

Десниот бек Томислав Јагуриновски и десното крило Мице Шилегов со по седум гола беа најефикасни кај Металург против Стеауа, а одличен на голот беше искусниот Даниел Дупјачанец со 12 интервенции.

По турнирот во Русија, ракометарите на Металург ќе настапат на вториот тест-турнир во Кањижа, Србија (22-25 август), на кој се очекува кон тимот да се приклучат и кадетските репрезентативци Мартин Серафимов, Михајло Младеновиќ и Дарко Кондев, кои беа дел од македонскиот тим на СП, па тренерот Стојановиќ за дуелите со Нексе (вицешампион на Хрватска), Партизан (Србија) и со Рамат Шарон (Израел), на располагање ќе го има комплетниот состав.