Металург загуби, иако одигра најефикасен меч на гости во претходните три сезони

93
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Задоволен сум од играта на нашиот напад, меѓутоа, за да се добие натпревар на гости, одбраната мора да одигра со 200 отсто ангажман. Ни недостигаа цврсти одбранбени дуели, а непишано правило е дека „одбраната е таа што добива мечеви, а нападот ги губи“. Одбраната против Тулуз не одигра ни половина агресивно и борбено како во дуелите со Кринс. Можеме и мораме поцврсто, за да бидеме конкурентни на европската сцена, рече тренерот Кастратовиќ по поразот на Металург на гости кај Тулуз, со 29-33

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Ракометарите на Металург со пораз ја почнаа годинашната европска сезона, откако на гостувањето кај Тулуз момците од Автокоманда загубија со 29-33 во 1. коло од новоформираното натпреварување Лига на Европа (ЛЕ). Добар аспект од овој меч на Металург е тоа што избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ по долго време одиграа одлично во нападот, постигнувајќи 29 гола на гостински терен, што е најмногу во претходните три сезони. Во квалификациите за ЛЕ со хрватската Спачва металурзите реализираа 25 гола на теренот на противникот, а на гостувањето кај Кринс 21.
Во минатата сезона на гостинскиот меч од квалификациите за Купот на ЕХФ кај Горење, Металург постигна 19 гола, а во сезоната 2018/2019 како дел од Лигата на шампионите, најефикасниот гостински ефект беше 26 погодока, на гостувањето кај Спортинг.
– Задоволен сум од играта на нашиот напад, иако имавме неколку неизнудени технички грешки, период од седум минути без гол, меѓутоа, за да се добие натпревар на гостински терен, одбраната мора да одигра со 200 отсто ангажман. Ни недостасуваа цврсти одбранбени дуели, одбраната немаше жестина, немаше енергија, а непишано правило е дека „одбраната е таа што го добива натпреварот, а нападот го губи“. Нашата одбрана против Тулуз не одигра ни половина агресивно и борбено како во претходните два дуела со Кринс. Во следните неколку дена мора сериозно да поработиме на тој сегмент од играта, за да ги вратиме жестината и борбеноста, бидејќи можеме и мораме поцврсто, за да бидеме конкурентни на европската сцена – изјави Кастратовиќ.

Во дефанзивата, Французите имаа три жолти картони, шест исклучувања од две минути и црвен картон во 16-та минута од натпреварот за нивниот дефанзивец Лука Соколиќ, како и шест груби прекршоци за седмерец. Металург, пак, направи четири исклучувања и еден седмерец. Избраниците на Филип Гарден имаа напад со ефект од 63 отсто, а на Металург 48, ефикасноста на шутот на Французите е 72 проценти, а на Металург 57. Во текот на мечот Французите упатиле 47 шута кон голот на Металург од кои реализирале 33, а избраниците на Кастратовиќ шутирале 52 пати, а погодиле 29 пати. Тулуз не успеал да реализирал 14 напади, а Металург 23.
Најефикасни кај Металург беа левото крило Милан Поповиќ, со девет гола (од 10 шута), левиот бек Момир Рниќ со седум и централниот бек Марко Тарабокија со пет гола. Даниел Дупјачанец имаше седум одбрани на голот на Металург. Белгискиот репрезентативен голман Џеф Латен беше столбот на одбраната на Тулуз и собра 12 интервенции на голот, во нападот непогрешливи беа норвешкиот репрезентативен пикер Хенрик Јакобсен, со девет гола од исто толку шута, и францускиот лев бек Нори Бен Халима, со седум.

Во групата 1, во која е Металург, во 1. коло Висла дома го победи Фиверс со 32,23, а одложена е средбата Чеховски медведи – Адемар Леон. Во следното коло Металург игра дома со Висла, во вторник, а другите двојки се Адемар – Тулуз и Фиверс – Чеховски медведи. Првопласираните четири тима ќе играат во осминафиналето. 


СТАТИСТИКА ПО МЕЧОТ ОД 1. КОЛО

КАТЕГОРИЈА                                          ТУЛУЗ             МЕТАЛУРГ
Ефикасност на шут (%)                               72                        57
Ефикасност на напад (%)                            63                        48
Шутеви кон гол                                           47                        52
Голови                                                        33                        29
Нереализирани напади                                14                        23
Седмерци                                                      1                          6
Технички грешки                                           5                          8
Исклучувања                                                 6                          4
Жолти картони                                               3                          0
Црвени картони                                              1                          0